По седум години во бегство, на граничниот премин “Деве Баир” на влез во Македонија од Бугарија на македонските власти се предаде Дејан Давидовски-Дешо.
По седум години во бегство, на граничниот премин “Деве Баир” на влез во Македонија од Бугарија на македонските власти се предаде Дејан Давидовски-Дешо кој беше баран со меѓународна потерница за настаните со упадот во Собранието од 27 април.
Давидовски пред пет години беше уапсен во Шведска, но потоа и ослободен од шведскиот Врховен суд кој го одби барањето на Македонија за негова екстрадиција, сметајќи дека е гонет од политички причини.
Во април 2022 година, коментирајќи ја пресудата на судот во Шведска, тој изјави:
-Тоа не е тероризам туку обичен бунт, значи така го толкуваат во пресудата. Сите сознанија што ги прибираа, докази. Се смееја на нашите политичари тероризам што е делото, меѓутоа се има завршница. Делото ни најмалку не е тоа дело тероризам. Понискиот ранг на судии, па после и Врховниот Суд, петте судии кога одлучуваа, тероризам им беше многу смешно на нив, изјави Давидовски.
Давидовски тогаш изјави дека не се чувствува како терорист, изразувајќи надеж дека правдата брзо ќе дојде и сите осудени за 27 април ќе бидат на слобода. Вели политичарите кои го измонтирале ова дело, секогаш ќе живеат со тежината на себе, бидејќи се работело за човечки судбини.
-Лично не се чувствувам, меѓутоа за тие што мислеа дека сме терористи, еден ден ќе живееме ние во Македонија и другите ќе излезат од затвор. Како ќе живеат тие луѓе после со нас терористите. Тоа баш ми е желба, еден ден сите политичари кои не направија терористи ќе треба да живеат со нас. Значи ние ќе бидеме на слобода за кратко време, јас мислам, тие ќе треба да живеат со терористи, изјави Давидовски.
Истакна и дека тешко е да се биде далеку од семејството дури пет години, каде во најголем дел го пропуштил и растењето на своите деца. Но тоа не е единствениот проблем на Давидовски. Поради како што го нарекува политичкиот прогон, покрај него вели проблеми имале и целото семејство. Неговата сопруга директно почувствувала на себе, на нејзиното работно место, но во детали не сакаше да влегува.
-Семејство си знае јас си знам, значи што да речам, тоа е тоа ќе се издржи, не ми е проблем ќе се издржи. Мислам дека се движиме кон крајот, кон целта, ќе видиме. Тежината е голема, децата на две години да ги оставиш, сега се на седум, период од пет години е голем период, изјави Давидовски.
Според Давидовски целта со драконските затворски казни била да се заплаши народот, да не реагира на политиките кои понатаму следуваа од страна на македонската власт.
-После 27-ми април народот делуваше поисплашен, не излезе ни на протестите за промена на името, протести немаше. Со тоа кажаа ако излезат и другите што ќе се случи со сите други што ќе протестираат. Тоа се гледа од далеку, видливи се последиците. Заплашување, после тоа големи протести не видовме, изјави Давидовски пред две години.
Давидовски порачува дека одлуката на Врховниот суд во Шведска ја покажува катастрофалната состојба во која што се наоѓа македонското правосудство.