Декларацијата за приоритено донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација денеска ја потпишаа 17 политички партии.
Политичките партии кои стојат како потписници на оваа Декларација се: Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонијa, ДЕМОКРАТИ, Демократски сојуз (ДС), Зелена партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединета партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР), Партијата за движење на Турците (ТХП), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Партија за економски промени 21 (ПЕП21), Партија на пензионери (ПП), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Сојуз на Ромите на Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Твоја партија.
Од Коалицијата МАРГИНИ информираат дека непосредно пред предвремените парламентарни избори, девет мрежи на здруженија на граѓани, кои заедно бројат повеќе од 100 здруженија, испратија барање до сите политички партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори, за поддршка на Декларација за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) од страна на идниот парламентарен состав.
– Од една страна сме задоволни што голем број политички партии ја поддржаа декларацијата. Помеѓу партиите поддржувачки има политички партии со различна идеолошка позадина, различна големина, моќ и искуство во законодавниот дом. Но, од друга страна, за жал, после 10 години од донесувањето на првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сѐ уште има партии кои не ја поддржуваат нашата борба за поеднакво општество без дискриминација. Еднаквоста на граѓаните не е прашање на политичка волја, туку претставува уставна обврска за сите пратеници и за секоја влада, и предуслов за напредок, демократија и благосостојба. Унапредувањето на состојбите во земјата на кое било поле нема да ги даде посакуваните резултати доколку сите граѓани без разлика на различностите не можат да пристапат и под еднакви услови да ги уживаат правата, услугите и можностите, велат од Мрежата за заштита од дискриминација – Коалиција МАРГИНИ.
Оттаму апелираат идниот состав на Собранието веднаш да го донесе новиот Закон за спречување и заштита од дискрминација и најавуваат дека активно и будно ќе ги потсетуваат на оваа обврска и на ова ветување.