Руското обвинителство соопшти дека дел од големите пожари во Сибир, кои од активисти за животна средина беа опишани како климатска вонредна состојба, биле подметнати во обид да се прикрие нелегалната сеча на дрвја.

Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека се регистрирани случаи на намерно подметнување пожар во Иркутск за да се прикрие нелегалната сеча на дрвја.

Рускиот претседател Владимир Путин ја повика војската минатата недела да им помогне на пожарникарите во борбата против пожарот во тешко пристапните шуми во Сибир.

Пожарите зафатија површина со големина на Белгија и покрија стотици села и градови со чад. Министерството за вонредни ситуации информира дека областа зафатена од пожарот е намалена за една четвртина, а Федералната агенција за шумарство соопшти дека станува збор за 2,5 милиони хектари под оган.

Според процената на „Гринпис“, пожарот зафатил 4,3 милиони хектари и дека во воздухот се испуштил јаглерод диоксид, кој за една година го испуштаат  36 милиони автомобили. Организацијата вели дека ваквите пожари се случуваат секоја година во регионот, но овој пат тие се „невидени“ заради големината и силата.