Наташа КОТЛАР-ТРАЈКОВА

Во историјата постојат два вида личности – едни кои ја создаваат и други кои ја следат историјата. Гоце Делчев (1872-1903) е од првата категорија. Гоце Делчев е личност со рано всадена и постојано култивирана свест за високите вредности на човечкото достоинство. Неговата личност почнала културно, идејно, национално, политички и сестрано да се формира, под влијанието на традицијата на организираната борба од неговиот роден крај (во османлиската држава) – преродбенскиот Кукуш под влијанието на солунската гимназија и книжнина, како и од нејзините револуционерни кружоци; софиската велеградска средина и воената академија и секако под влијанието на современите идеи од науката, литературата, филозофијата. Тој е претставник на онаа македонска генерација што израснала во османлиски рамки, по берлинските конгресни одредби во 1878 година. И во тие услови, за разлика од балканските соседи, борбата на македонскиот народ продолжила против османлиското феудално-теократско и заостанато аграрно општество.

Но, додека власта била заинтересирана пред сè за земјопоседништвото, за собирањето на даноците и била дури сосема индиферентна спрема различните вери и култури со кои владеела, нејзините потенцијални “наследници по оружје“ (Кралството Грција, Кралството Србија, Кнежеството Бугарија) не можеле да седат мирни додека не го наметнале националистичкиот принцип (cuius region, eius lingua), жеднеејќи по културните и лингвистичките души на османлиските поданици – особено од македонско народносно потекло. Во тоа најмногу биле ангажирани црковните организации, а признати од османлиската држава – Цариградската патријаршија, односно Бугарската Егзархија, мистифицирајќи го постоечкиот – милет систем.

Посветен на Македонската револуционерна организацијата (МРО) од Даме Груев во 1894 година, Гоце Делчев се промовирал во доследен реализатор, на нејзиниот национално-револуционерен концепт и ослободителната платформа. Како пролог на ова е и неговото размислување, искажано уште на нивната прва средба: “Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот“? Оттогаш, па сè до крајот на животот, длабоко во него била залегната идејата за самостојна ослободителна борба на македонскиот народ. Ова, Гоце особено јасно го истакнал и пред, бугарскиот генерал Данаил Николаев и тогашен претседател на Врховниот комитет (легална македонска емигрантска организација во Кнежевството, формирана во Софија за да биде конкурентска организација на МРО).

Еве, краток исечок од Делчевиот настап во 1896 година: “Ние, знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот! Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. (…) Гледам дека вие не ги познавате условите во Македонија и затоа кажете им на сите, кажете им да не се мешаат и да ја остават Внатрешната револуционерна организација да се организира, да раководи, да решава (…) ние не бараме покровители, а уште помалку господари“, бил категоричен Гоце во 1896 година.

Тој до крај останал доследен на револуционерниот концепт за ослободување на Македонија и на борбениот стремеж на македонскиот народ. Гоце Делчев останува запаметен како една грандиозна фигура – борец и војвода кој секогаш бил во служба на народот, негов организатор, водач и заштитник. Затоа, неговото револуционерно наследство е огромно! Тоа се рефлектира во дејноста на неговите блиски соборци, во народната меморија на секој Македонец и во опусот на македонските поети; во народно-ослободителната борба, го носеле некои партизански чети, одреди и бригади (Прилепскиот партизански одред “Гоце Делчев“ 1941 година и Битолскиот НОПО 1943 година; Бригадата “Гоце Делчев“ 1944 година), а присутно е и во документите на АСНОМ, особено во Манифестот.

Неговата изјава: “Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“ е сé уште ненадмината и поттикнувачка за индивидуално и општо делување, како и зреење – интелектуално, емоционално, национално, политичко и пред сé човечко!