Од денеска до среда во Скопје ќе престојува делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалог со Република Македонија.

Според најавата од прес-службата на ПССЕ, пратениците Лиз Кристоферсен од Норвешка и Валериу Гилетчи од Молдова се очекува да се сретнат со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски, со членови на парламентот, лидери на политички партии, со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, судии, претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и дипломатските претставници во земјата.

Кристоферсен и Гилетчи во Парламентот денеска треба да имаат средба со Бетиане Китев, шеф на македонската парламентарна делегација во ПССЕ.

Разговорите ќе бидат фокусирани главно на развојот на настаните по Извештајот од последната посета на претставници на ПССЕ во мај 2017 година со специјален фокус на судството, како и на генералниот напредок на земјата во насока на исполнување на обврските кон Советот на Европа.