Научна конференција на тема „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и перспективите за евроатлантска интеграција на Република Македонија“ денеска ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Организатори на конференцијата се МАНУ, Бугарската академија на науките во соработка со Министерството за надворешни работи.

Целта на конференцијата, како што соопштија организаторите, е да се проникне во улогата на овој Договор и неговото влијание на евроатлантските интеграции на Македонија и Западен Балкан.

Научната конференција ќе ја отворат претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, потпретседателот на БАН, академик Васил Николов и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски. Излагања ќе имаат академици, професори и експерти.

Ќе биде претставена и Платформата за натамошна соработка на МАНУ и БАН во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.