Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски ќе присуствува на тридневна посета во Ротердам, Холандија по повод учество на 27 Конгрес на Европската народна партија.

Посетата вклучува присуство на делегатите на конгресот на Европската народна партија, од кое дел се сите центар десни партии во Европа. Конгресот утре започнува со политичкото собрание кое е своевиден вовед во Конгресот, на кое се разгледуваат клучните конгресни документи и резолуции. Исто така, на конгресот ќе се дискутира за досегашната работа на претседателот и генералниот секретар на ЕПП, како и формално ќе бидат потврдени новите кандидатури за претседател, потпретседатели и благајници на ЕНП.

Главниот настан започнува во вторник, каде на пленарната сесија свое обраќање ќе има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски, каде главна тема ќе бидат актуелните состојби во Македонија, корупцијата во редовите на Владата, злоупотребите на власта, економското опустошување, како и барањето за предвремени избори. Вечерта ќе се одржи проширен самит на шефови на држави и влади, како и лидери на опозициски партии.

Во овие клучни, многу предизвикувачки времиња за Европа и светот, на конгресот на Европската народна партија особен фокус ќе се стави на предизвиците со кои се соочува Европа, инвазијата на Украина, економската и енергетската криза, но и односот кон Западен Балкан и проширувањето. Се очекува да се донесе Резолуција која ќе повика на итно отпочнување на преговорите со Македонија и Албанија. Главната дебата за политиките на Европските народни партии е на тема „Обединети во солидарноста: одбрана на западната демократија“.

На маргините на конгресот ќе бидат остварени и повеќе билатерални средби запознавајќи ги соговорниците со актуелните економско политички состојби во Македонија.

Членови на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски се потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски, членот на извршниот комитет и портпарол Марија Митева и членот на извршниот комитет Владимир Ѓорчев.