Со четири судии помалку отколку што предвидел Уставот, а на секоја седница има еден до два предмети кои не добиваат мнозинство и се одолговлекуваат за неизвесен период. Оваа состојба трае повеќе од 6 месеци, а Уставниот суд точно една година е без третина од судиите, рече претседателката на Уставниот суд за што денеска и ги повикала претседателот на државата, на Собранието и на Владата на работен состанок за да се најде решение

Во евентуална несакана ситуација да треба да се констатира престанок на функција на претседателот на државата или да се одземе имунитет или да треба да се избере нов претседател на Уставниот суд тоа ќе биде невозможно бидејќи во Уставниот суд се потребни шест судии, а моментално има само петмина.

Вака денеска претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска преку конкретен пример ја објасни ситуацијата во оваа институција која точно една година е без третина од потребниот број судии.
Состојбата во Уставниот суд е сериозна, рече Кацарска додавајќи дека функционираат на граница на кворум.

„Со четири судии помалку отколку што предвидел Уставот, а на секоја седница има еден до два предмети кои не добиваат мнозинство и се одолговлекуваат за неизвесен период. Оваа состојба трае повеќе од 6 месеци, а Уставниот суд точно една година е без третина од судиите“, објасни денеска Кацарска.

Таа рече дека со ваква ситуација судот се соочува по првпат и дека со секој поминат ден граѓаните трпат штети бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат. Поради тоа, таа денеска ги повикала на работна средба претседателот на државата Стево Пендаровски, на Собранието Талат Џафери и на Владата Димитар Ковачевски, како функционери чии институции ја водат државата.

Кацарска најави дека Указот за прогласување на Преспанскиот договор и Законот за јазици нема да се стават на седница сè додека не се изберат сите девет судии бидејќи, како што рече, несериозно е за предмети со ваква тежина да гласаат само петмина судии.

Кацарска потенцира дека поради ваквата состојба заостануваат и многу други предмети како законот за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци, одлуки со кои се оспоруваат детални урбанистички планови итн.

„Овој проблем е на штета на граѓаните, но и за угледот на државата во очите на меѓународната јавност и затоа апелирам Уставот да се почитува. Ова не се рефлектира само врз работата со предмети туку и на можноста за реформи во судството, како што е донесување на нов акт во кој се предвидени промени. Само да потсетам дека судот работи со Деловник стар 30 години донесен во 1992 година“, рече Кацарска.

На Уставниот суд му фалат четворица судии и тој сега функционира само со пет, што е на работ и од потребниот кворум за одржување седници. Поради ваквата ситуација, за дел од предметите не може ни да се носат одлуки бидејќи нема мнозинство гласови.