Ставовите од ЕУ и НАТО, но и внатрешните реакции во Грција, односно позициите на опозициските партии и секако на Владата во однос на Договорот од Преспа и понатаму се во фокусот на грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Катимерини“ во текстот под наслов „Атина ја очекува новата Влада во Скопје“ го пренесува ставот на актуелната грчка Влада дека државата има континуитет и дека покрај нивното несогласување пред да се изгласа Договорот од Преспа, сега го почитуваат.

Истакнува дека следниот чекор што се очекува е формирањето на Владата кај нас на крајот на мај, кога ќе биде претставена програмата „што ќе покаже каде одат соседите“.

Грчката телевизија „Опен“ во прилогот од Скопје, пренесува ставови на граѓани кои ја истакнуваат важноста на европската перспектива на земјата, но и изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, кој го коментира ставот на новата претседателка.

-Неусогласувањето носи одговорности и сериозни последици за државата што веднаш ќе се почувствуваат од граѓаните. Одговорноста не е само политичка, туку и правна. Па така, како носители на највисоките државни функции, ќе треба да ги почитуваат Уставот, меѓународниот Договор од Преспа и законите, вели Заев за телевизијата „Опен“.

Употребата на името „Македонија“ од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, предизвика и внатрешно-политички конфронтации во Грција меѓу Владата и опозициските партии, заедно со останатите актуелни грчки теми, со оглед на тоа дека земјата веќе е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни.

Трите меморандуми за соработка што сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент се во фокусот на меѓусебните препукувања на релација Нова демократија – СИРИЗА.

Грчката Влада вели дека ставот на Сиљановска Давкова ја оправдува нивната позиција за доцнење на ратификацијата, додека пак од СИРИЗА доцнењето сметаа дека не ѝ оди во прилог на Грција и најавуваат законска иницијатива за носење на меморандумите пред пратениците.

Како што можевме да слушниме и видиме, деновиве, имаше многу политички офнувања поради употреба на името Македонија во Македонија, отколку за нератификуваните меморандуми во Грција, повеќе години по потпишаниот Договор од Преспа.

Сведоци бевме дека веднаш по поптпишувањето на договорот низ Република Македонија почна масовна смена на имиња на институции, табли на кои пишува Македонија, гребење на историјата… А во Грција и натаму стојат таблите со „Скопиа“, не се ратификуваат меморандумите и се наоѓа оправдување за сето тоа. И во исто време поради истиот договор во Македонија има илјадници изолирани граѓани од светот поради ограничувањата за смена на пасошите и други документи, што произлегуваат од договорот.

И според кои европски принципи и вредности толку гласно да се офнува поради употребата на името Македонија, од добро познатите легалисти и офкачи на власт во изминативе години, нивните приврзаници, како и од ЕУ, Грција и пошироко?