Општина Демир Хисар одлучи оваа година највисокото признание на тамошната локална самоуправа, наградата за животно дело да ја додели на членовите на музичката група „Бисер“.

Во изјава за МИА, Даниел Станојоски, одговорен во секторот за односи со јавност на Општина Демир Хисар, истакна дека наградата ќе биде доделена на свечена седница која ќе биде одржана на 2 септември, Денот на ослободувањето на Демир Хисар.

-Музичката група „Бисер“ годинава одбележува 40 години од основањето, позната е и приредила бројни концерти во државата и странство, а со својата продукција и мотиви во авторските македонски народни песни ги афирмира Демир Хисар и демирхисарско. Со донесената одлука продолжува традицијата наградата да се доделува во вистински раце и најзаслужните. Наградата ќе ја врачи градоначалникот Марјанче Стојановски кој воедно ќе има и пригодно празнично обраќање, потврди Станојоски.

Свечената седница на Советот на Општина Демир Хисар ќе се одржи во големата сала на Дом на култура „Илинден“, за што организаторот пропиша и ќе спроведе мерки за заштита од Ковид-19, потврди Станојоски.