Заклучно со денеска, околу 54 илјади лица доцнат со пријава во евиденцијата на невработени лица како активни баратели на работа и други лица кои бараат работа, односно пасивни баратели на работа, соопшти денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири.
– Јавно ги повикуваме сите оние лица кои ги надминале роковите за пријава во евиденцијата на Агенцијата за вработување, во наредните 30 дена, почнувајќи од утре, да дојдат во центрите за вработување каде се евидентирани за да ја регулираат својата обврска, како активни или пасивни баратели на работа, рече Демири.
Тој потсети дека согласно Законот, лице кое е евидентирано како активен барател на работа е должно лично да се јавува во Агенцијата за вработување на секои 30 дена. Лице кое е евидентирано како пасивен барател на работа, треба да се јавува на секои шест месци.
Во спротивно, како што рече Демири, Агенцијата за вработување ќе биде приморана да ги избрише овие лица од евиденцијата на невработени лица, со што ќе ги изгубат првата што ги имаат врз основа на овој статус.
– Затоа уште еднаш сакам да апелирам до сите активни и пасивни баратели на работа кои изминатиов период не се пријавиле во Агенцијата за вработување, да го сторат тоа во наредните 30 дена или најдоцна до 19 март 2021 година, рече Демири.
Тој најави дека Агенцијата за вработување во наредните 30 дена ќе доставува и редовни соопштенија и преку медиумите ќе ги информира граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање колку лица останале без работа од почетокот на пандемијата на Ковид-19, Демири рече дека до 31 јануари 2021, евидентирани се 18.174 невработени лица за кои одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во период по 11 март 2020 година, односно во период на кризата предизвикана од коронавирусот.
Тој информира дека во Агенцијата за вработување до 31 јануари 2021 година евидентирани биле вкупно 158.681 невработени лица како активни баратели на работа, а пасивни баратели на работа биле 90.293 лица.