Светската практика е дека државата ги креира своите политики и економски проекции врз основа на резидентното население, вели демографот Дончо Герасимовски во анализата што ја објави весникот Нова Македонија.

„Наместо да се создаде појасна слика, попишувањето „резидентно и нерезидентно население“ создава дополнителна конфузија и во статистиката и во политиката. Државниот завод за статистика речиси секојдневно објавува корекции на некои резултати. Најмногу недоумица, забуни и парадоксалност предизвикува пребројувањето на резидентно и нерезидентно население, односно целите и ефектите, што носат политички импликации со попишување преку ваква нетипична методологија според стандардите на Евростат и препораките за попис на Обединетите Нации, се во анализата со наслов „Резиденти и нерезиденти – со заеднички елементи, или како опоненти“, која ја објави „Нова Македонија“.

Во продолжение на анализата се додава:

Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и пратеник во првиот собраниски состав, вели: ‘Никаде во светот не се врши попишување резидентно и нерезидентно население: според стандардите на Евростат и на Обединетите нации, нерезидентното население влегува во пописната статистика на земјата каде што живее подолго од 12 месеци. Евидентирањето на сите македонски државјани не се совпаѓа со меѓународните стандарди за спроведување попис. Различно е евидентирање бројност и попис на население. За првпат методологијата за спроведување на пописот не беше дел од Законот за попис, туку е донесена со акт на директорот на Државниот завод за статистика. Таквиот акт предвидува законска условеност за врзан потпис со заменик-директорот на ДЗС, што беше сигнал дека е оставен простор за манипулации со пописните резултати.

Алијансата за Албанците реагираше околу недефинираноста на нерезидентното население, тврдејќи дека поради недефинирањето на нерезидентното население во соодветни општини и адреси Албанците може да ги загубат колективните права во некои локални заедници: ‘Необјавувањето на живеалиштата на лицата од дијаспората одигра негативна улога во прикажувањето на реалниот процент на етничките заедници во државата. Ова ги загрозува колективните права, што ги имавме досега. Во Кичево процентот на Албанци падна под 50 отсто и тоа ја загрозува употребата на националното знаме. Се манипулира со резултатите од пописот. Заводот за статистика треба да даде објаснувања и детални податоци за нерезидентното население.

Во однос на правните дејства во државата, што би произлегле од резултатите на пописот, клучно е прашањето: дали како релевантни за политиките ќе се земаат предвид бројките на резидентното или на вкупното население, односно заедно со нерезидентното?

Пописот, кој е со многу неконзистентни, фалични резултати, спорна методологија, што имплицира на манипулации, не може да произведе правно дејство. Во наредната фаза на обработка на податоците важно е дали нерезидентното население ќе биде распоредено по општините, што би создало нереална, невистинита слика за етничкиот состав. Натамошниот третман на нерезидентното население забележано во пописот ќе влијае на притисокот на иницијативите за издигнување на албанскиот јазик како уставна категорија. Голем е притисокот пописот како статистичка операција да се претвори во политичка, за измени во Уставот.’ – вели Тодор Петров.

Демографот Дончо Герасимовски е категоричен дека во согласност со меѓународните стандарди и практики, тоа се прави според податоците за резидентното население во земјата: ‘Сите пресметки, проекции и анализи за политиките на државата се прават врз основа на податоците за резидентното население. Светската практика е дека државата ги креира своите политики и економски проекции врз основа на резидентното население.“

Целата анализа може да ја прочитате ТУКА.