Македонскиот домашен рударски сектор директно креира 8.000 работни места, покажуваат податоците на Македонската асоцијација за рударство (МАР). Претседателот на МАР, Ивица Талевски, кој воедно е и втор човек во рудникот „Саса“-Македонска Каменица за МИА вели дека сепак бројот на вкупно работно ангажирани луѓе во овој сектор е далеку поголем, со оглед на тоа што рударските компании, особено поголемите, соработуваат со голем број локални компании и добавувачи на различни видови добра и услуги.
Со што, како што вели, вкупниот број на луѓе и семејства кои остваруваат приходи од работата во домашната рударска индустрија е далеку поголем, а рудниците на одреден начин се двигатели на целокупниот економски и социјален развој на голем број општини и цели региони во нашата земја.
Секторот рударство во нашата земја опфаќа четири видови дејности кои вклучуваат: вадење на метални минерални суровини, вадење на камен и останати неметални суровини, вадење на јаглен и лигнит и помошни дејности во рударството.
-Бројот на активни деловни субјекти во оваа дејност во последните години бележи тренд на пораст, при што максималниот број активни компании е забележан во 2019 година и изнесувал 221. Но, треба да се напомене дека најголем дел од овие компании се микро компании до десет вработени. Само два процента од активните рударски компании во земјата, или вкупно четири рудници, се вбројуваат во категоријата средни компании, а дополнително уште четири рудници спаѓаат во категоријата големи рудници со над 250 вработени по рудник. Најголемите македонски рудници се рудниците за метали кои се лоцирани во источниот дел од земјата и имаат најголемо учество во обемот на производство и прометот во овој сектор, вели за МИА Талевски.
Посочува дека учеството на рударството во структурата на вкупното индустриско производство на земјата во изминативе неколку години се искачи над 11 проценти, што е показател дека оваа индустриска гранка располага со потенцијал за натамошен раст. Извозот во овој сектор традиционално секоја година надминува 200 милиони долари, од кои над 75 проценти отпаѓа на извоз на метални руди. Во разговорот за МИА, Талевски дополнува и дека дури и минатата година, и покрај сите познати предизвици поврзани со енергетската криза и геостратешките влијанија врз вкупната глобална економија, домашната рударската индустрија забележа раст на извозот за 17,9 роценти, надминувајќи вредност од 280 милиони долари.
– Исто така, рударството има значаен придонес и во вкупните директни инвестиции во нашата земја. Во 2018 година тој изнесувал 11,4 проценти, а во 2020 година достигнал дури 30,7% од вкупните директни инвестиции кои пристигнале во земјата. Инаку, учеството на рударската индустрија во вкупниот Бруто Домашен Производ (БДП) на земјата се движи околу 2 проценти, што е релативно скромно во споредба со високо развиените индустриски земји каде придонесот на рударството во вкупната економија е далеку поголемо. На пример, годишното производството на метали и јаглен во Австралија надминува вредност од 140 милијарди долари, во САД – 93 милијарди, во Канада – 30 милијарди, во Германија – 19,5 милијарди, а во Полска тоа достигнува околу 12 милијарди долари. Но, трендот на деиндустријализација што е присутен во нашата земја во изминативе три-четири децении не го заобиколи ниту рударството. Ваквиот тренд имаше влијание врз неговиот реален развој кој е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка, рече Талевски.
Во изминатите неколку години има битка меѓу населението од струмичкиот, валандовскиот, гевгелискиот и пробиштипскиот регион со инвеститорите за отварање на нови рудници. На прашањето на МИА дали оваа ситуација може да се надмине и колку државата може да се ангажира, Талевски со одговор дека како деловно здружение сметаат оти домашното рударство треба да продолжи да се развива според концептот на одржлив развој кој подеднакво води сметка за економската, социјалната и димензијата на животната средина.
-Во светот, особено во развиените држави, веќе од одамна е постигнат консензус дека ваквиот концепт може успешно да се применува и во рударската индустрија. Во таа насока, ние како здружение поддржуваме развој и нови инвестиции во домашното рударство чија реализација ќе се одвива согласно законските прописи, на јасен и транспарентен начин и согласно добрите корпоративни практики и стандарди кои се применуваат во развиените земји. Имајќи предвид дека рударските компании се дел од заедницата, сметаме дека дијалогот помеѓу сите засегнати страни, вклучувајќи ги секако и државните институции, како и граѓанскиот сектор, експертите и бизнисот, е од особена важност и дека тој треба да се одвива конструктивно, со аргументи и со меѓусебно почитување, вели Талевски.
Според него, само на таков начин, домашната рударска индустрија ќе го добие местото во општеството што ѝ припаѓа, како индустрија која има значаен придонес за економскиот развој на земјата, која инвестира во нови технологии, вработува и обезбедува егзистенција за луѓето во цели региони од земјата и која вложува во просперитетот на заедницата.
Рударскиот сектор не остана поштеден од здравствената и енергетска криза
Здравствената и економската криза беа предизвик за опастанок на македонска индустрија, а во тие рамки и за рударството. Талевски за МИА забележува и дека добро познатите околности – пандемијата, војната во Украина, инфлацијата, а особено енергетската криза, влијаеа врз стабилноста на пазарите, направија нарушувања во синџирите за снабдување и влијаеја на зголемување на цените на скоро сите суровини, на опремата и резервните делови кои се користат во рударството и секако на енергенсите, а особено на електричната енергија.
Ваквите фактори, а особено високите цени на електричната енергија на регионалните берзи во текот на 2022 година, влијаеа на зголемување на оперативните трошоци на рудниците и беа основната причина за привременото запирање на работните процеси во некои домашни рудници. Но, сепак рударскиот сектор, особено поголемите рудници кои располагаат со поголеми можности и финансиска поддршка од своите инвеститори, успеаја да ги издржат ваквите предизвици, да се прилагодат на новата ситуација и да продолжат со реализација на своите развојни планови. Генерално, домашната рударска индустрија и во вакви кризни времиња покажа дека е витална индустриска гранка која успева самостојно, без поддршка од државата, да ги надмине предизвиците со кои се соочува и да продолжи со одржливиот развој, истовремено испорачувајќи сигурност, стабилност и поддршка за вработените во овој сектор, како и за локалните компании од голем број сектори кои соработуваат со рудниците, потенцира претседателот на МАР, Талевски.
-Официјалните податоци покажуваат дека просечната плата во секторот рударство и вадење камен во јуни оваа година била за 38 проценти повисока од просечната исплатена нето-плата во земјата. Во некои од поголемите рудници за метали во земјава платите се и до 80 проценти повисоки од македонскиот просек. Истовремено, растот на платите во овој сектор во првите шест месеци од оваа година, во споредба со истиот период лани, изнесува 13,1 процент.
-Ова се јасни показатели за тоа дека благосостојбата на вработените и на нивните семејства се исклучително важни за рударските компании и дека тие знаат да го ценат и вреднуваат нивниот труд и залагања. Паралелно со платите, рударските компании, особено поголемите, благодарение на финансиската поддршка што ја добиваат од своите компании-мајки, интензивно вложуваат во воведување на најсовремени технологии, опрема и стандарди, со кои значително и во континуитет се унапредуваат работните процеси и услови во рудниците, што секако придонесува и за зголемување на безбедноста, што секако е еден од највисоките приоритети за сите што работат во оваа индустрија, рече Талевски.
Што се однесува за соработката меѓу инвеститорите и синдикатите во земјава, Талевски смета дека домашните рудници, особено поголемите, го одржуваат потребното ниво на соработка со синдикатите.
-Како асоцијација која ги застапува интересите на индустријата се залагаме и ја негуваме културата на дијалог за сите прашања кои се однесуваат на правата на работниците, затоа што тоа е единствениот правилен начин како да се овозможи и гарантира натамошниот одржлив развој на рударството, од што придобивки ќе имаат сите, вклучувајќи ги вработените, инвеститорите, заедницата и секако националната економија, порачува Талевски.
Централна прослава за Денот на рударите нема, но секој рудник ќе го одбележи со своите вработени
Неколку години наназад во земјава не се практикува организација на централна прослава на Денот на рударите, сепак како што вели Талевски, рудниците, во рамки на своите можности, на соодветен начин го одбележуваат овој значаен ден за целата домашна рударската индустрија. Задржана е традицијата прославата на 28 август да се сподели и со локалните заедници каде се лоцирани рудниците.
-Тоа е сосема природно и очекувано, со оглед на тоа што целокупниот живот во овие локални заедници е тесно поврзан со нивната работа. На пример во САСА, каде што јас работам, традиционално и оваа година на овој ден му се придава посебно значење. Се доделуваат парични награди, пригодни подароци и признанија за сите вработени, а дополнителни награди добиваат вработените кои дале особен придонес за безбедноста и здравјето при работа, како и за одржување на безбедно и сигурно производство. Воедно секоја година САСА обезбедува поддршка за поголемиот дел од активностите кои во чест на празникот се организираат во локалната заедница, а компанијата секоја година вложува и дополнителни средства за одреден проект што е значаен за заедницата, вели Талевски.
МИА претходно информираше дека рудникот САСА одлучи да ги откаже сите интерни свечености поврзани со прославата на Денот на рударите, а планираните средства за нивната организација да ги пренамени во проект за зголемување на безбедноста во сообраќајот во локалната заедница.
-Заради осмислување и реализација на овој проект, во следниот период ќе воспоставиме комуникација и соработка со надлежни домашни институции и организации од оваа област. Ваквата одлука на САСА следува по зачестените сообраќајни несреќи со трагични последици кои во последно време се случуваат во овој регион од земјата, додаде Талевски.
Одбележување на Денот на рударите со настапи на музичари и групи од земјава и странство, како и спортски турнири по повод празникот Голема Богородица која е заштитничка на македонските рудари има во Пробиштип, Радовиш, Македонска Каменица и Крива Паланка.
Викторија Димитрова-Јованова
Фото: МИА