Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас денеска е во посета на Либија, според информациите објавени во либиските медиуми, а без претходно да постои официјална најава или соопштение од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации и објавеното видео на „Твитер“ од либиските медиуми, шефот на грчката дипломатија со владиниот авион пристигнал во Бенгази, а веројатно ќе се сретне со раководството на источна Либија на генералот Калифа Хафтар.
Ставот на Атина е дека договорот (меморандумот) потпишан меѓу Анкара и владата од Триполи за демаркација на морските граници не е во согласност со меѓународното морско право. Токму поради ова, Грција го протера либискиот амбасадор од Атина.
Во интервју за грчкиот весник „Реал њуз“, говорејќи за односите со Турција и можноста Анкара да предизвика инцидент, министерот за надворешни работи на Грција вели дека земјата е секогаш подготвена да ги одбрани нејзините национални и суверени интереси, но и додава дека не верува дека Турција може да стори такво нешто, „бидејќи таа ќе изгуби“.