И покрај дождливото време, околу 100.000 избирачи повеќе од пред пет години излегоа денеска претпладне да гласаат на хрватските претседателски избори, покажуваат податоците на Државната изборна комисија (ДИП).

До 11.30 часот, своето гласачко право го искористиле 15,75 проценти од гласачите, додека пред пет години, во истиот временски период, оваа бројка изнесуваше 13,19 проценти, објави ДИП, пренесува Хина.

И покрај обилните врнежи, во претпладневните часови, излегле 552.000 гласачи во Хрватска, а во странство, каде се гласа во 47 држави, нешто повеќе од 11.200.

Три милиони и 855.000 гласачи имаат право да гласаат на хрватските претседателски избори дома и во странство.

Следните податоци за излезност, ДИП ќе ги соопшти во 17 часот, а во 20 часот ќе бидат објавени првите изборни резултати, засновани на примерок од 15 проценти од избирачките места.