• Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија, во февруари 2018, изнесува 23.158 денари (377 евра), додека во Србија во истиот месец нето платата изнесувала 47.819 (397 евра). Во Русија просечната нето плата е 41.650 рубљи (563 евра), додека во Велика Британија има различни скали на мерење и таму плата се одредува по работен час. Но, на пример плата на келнер/ка на годишно ниво која е меѓу најниските, изнесува  8.563 евра, односно месечно 713 евра.)

 

Санкците кои ЕУ и САД ги наметнаа кон Руската Федерација заради припојувањето на Крим кон Русија се гледаат како геополитичка игра во која обично страда економијата и помалите земји. Интересно, но годинава Русија и покрај санкциите бележи економски раст и трговски суфицит, односно во размената во февруари е во плус 12 милијарди долари. Од друга страна заради контрамерките на Москва западните земји бележат загуби од повеќе од 60 милијарди долари, најмногу Германија, околу 830 милиони долари месечно, а потоа Полска, Украина, Холандија, Франција и Јапонија.

Санкциите на ЕУ ќе продолжат најмалку до јули годинава, а заради нив на рускиот пазар нема да се најдат многу земјоделски производи и месо, меѓу нив и некои производи од Македонија кои до скоро слободно се извезуваа, како на пример јаболката, праските или зелката.

Како индикатор за движењето на цените во маркетите и куповната моќ ги земавме моменталните цени на повеќе производи во рускиот Утконос, британскиот Саинсбурис, српскиот Макси како и македонските маркети КАМ и Тинекс.

Килограм круки вилјамовки во Утконос чинат 182 рубли , односно 2.4 евра, (околу 147 денари). Во КАМ тие се 80 денари, додека во Тинекс 109 денари. Во српскиот Макси „вилјамовката“ е 130 динари, односно 1,09 евра, што е околу 62 денари. Во британски „Саинсбурис“ тие се 2 фунти, односно 2,2 евра (135 денари). Краставиците со „Макси“ чинат исто колку и крушите, односно килограм се 62 денари, додека во двата спомнати маркети во Македонија тие се 53 односно 55 денари во Тинекс.  Во „Сансбурис“ тие се продаваат на парче и една краставица чини 0,4 фунти, отприлика колку што за килограм треба да се плати во Македонија. Во руски Утконос тие се 190 рубли килограм (2,5 евра), нешто повеќе од 150 денари.

Зелката во рускиот маркет се купува за 30 рубли килограм, односно 0,4 евра и нивната цена е речиси идентична со таа која се продаваат во КАМ и во Тинекс 33, односно 35 денари, додека во Макси е 100 динари килограм 0,84 евра.

Сезонската зелена салата  кај нас е околу 18 денари парче, додека во Утконос е 65 рубли (0,87 евра), во Саинсбурис е една фунта, а во Србија 99,9 денари (0,84 евра). Ова кажува дека салатите кај нас се продаваат по багателни цени.

Доматите го преплавија македонскиот пазар, па така викендов можеа да се најдат и за 69 денари, по специјална понуда, иако редовната цена им е околу 99 денари, додека во Русија тие се 350 рубли за килограм (4,7 евра), додека во Саинсбури тие се 1,63 фунти  (1.85 евра),а во Србија е 100 динари (0,84 евра), што ќе рече поевтини отколку кај нас.

Што се однесува до месото сликата е следнава: пилешки гради во Макси се 600 динари, односно 5 евра, во Утконос тие се 313 рубли (4,2 евра), додека во Тинекс свежиот стек е 349 денари, односно повеќе од 5 евра. Јунешкиот бут во Макси е 719 денари (6 евра), околу 365 денари, во Тинекс е 460 денари, додека на рускиот пазар тоа е 448 рубли (6 евра) исто колку и кај нас. На британскиот пазар говедското за готвење е околу 8 евра, со тоа што се напоменува дека поради недостиг на говедско цените најверојатно ќе одат нагоре.

Квалитетно свинско месо во Макси чини 999 динари (8 евра), односно 480 денари, во Тинекс е 439 денари, додека во руски Утконос е 439 рубли (5.9 евра), што ќе рече 360 денари, додека на британскиот пазар е околу 7 евра, 420 денари.