Девет лажни пријави за поставени бомби во скопски средни училишта. За разлика од изминатите две недели кога дојавите на мејл адресите на училиштата пристигнуваа по 14 часот, овојпат дојавите пристигнаа рано наутро.
МВР ги испразни училиштата и изврши антитерористички проверки, по што ги врати учениците од втората смена во своите клупи.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземни мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.“ – велат од Министерство за внатрешни работи.
Според премиерот Димитар Ковачевски, пријавите се дел од стратегијата за хибридни напади. Вели, неслучајно се бираат училишта, бидејќи луѓето се најчувствителни кога се работи за децата.
Реагираше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки – вели МВР две недели не може да се справи со лажните пријави.
„Цели 2 недели не можат да откријат лажен бомбаш кој од лажни адреси, лажно ги паничи децата и граѓаните. Не сакам ниту да замислам како би реагирало МВР во некоја поопасна и посложена ситуација.“ – изјави Драган Ковачки ВМРО-ДПМНЕ.
Мејловите кои пристигнуваат во училиштата не може да се лоцираат во Македонија, бидејќи се покажува дека испраќачот е од друга држава.