Денеска нема да се дознае кој ќе биде предлогот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за нов кандидат за гувернер на НБМ, односно тој нема да биде доставен до Собранието, објави МИА.

Претседателката вчера имала средби и разговори со тројца најсериозни кандидати, и ќе ѝ бидат потребни уште неколку дена, врз основа на направените интервјуа, за најдобро да го изгради својот став во врска со тоа прашање, по што ќе го достави својот предлог за нов гувернер до народните избраници.

Ова значи дека на утрешната седница нема да се гласа за изборот на нов прв човек на НБМ, кој практично ќе раководи со монетарната власт во наредните седум години.

Како најсериозни кандидати за позицијата, во јавноста се лиферуваат имињата на актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежоска, екс министрите за финансии Зоран Ставревски и Трајко Славески, како и екс вицегувернерката Маја Кадиевска-Војновиќ.

Гувернерот се бира на предлог на претседателот на државата, а се избира во Собранието на Македонија, за што се потребни 61 глас, односно мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието на Македонија.

Гувернерот има основна задача да ја претставува НБМ, ги претставува монетарната и политиката на девизен курс, одлучува за издавање дозволи на финансиски институции, ги одзема дозволите, ги контролира банките и слично.