Марко КИТЕВСКИ
Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16-годишна возраст) по свирепо мачење ѝ била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15.000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина. За спомен на нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на огнот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.
Како што може да се види во народното верување сиве овие три дена се поврзани со оган. Името на Кирик во некои краишта според дијалектниот говор е блиско до чурук-чуруци (народен назив на овој празник), во Антиноген, исто така, имаме асоцијација на оган, а и светата великомаченица Марина народот ја вика Огнена Марија. И не случајно овие три дена во народниот календар и во народното сфаќање одат заедно, под едно име Горештици (од горештина ‒ многу топло) или Чуруци (од чур, чад-оган), бидејќи и во народното верување бројот три има посебно значајно место.
Во Велес се верувало дека „Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија што работат на тој ден, од тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнуат тој ден за „чурец“. Во Охрид како што запишал Е. Спространов Света Марена ја држеле за да не стануваат бури. „Та ја пала – и креват снопојте и полоѕите. Ко да фатет ветришча, грмежи, дождој – да чуват Господ је“. Е. Спространов уште го забележал преданието дека „Света Марена била жива. Манастирот и се наоѓал во Лʼнга. Еднуш еден Турчин је го украл стреброто и го продал на еден кувенџија. Кувенџијата го стопил и се спалајл. Тога ошол во манастирот пред Света Марена и је се молел. Ко да се молел по кротко, та се смејела; а ко да се бијал пак, ко да плачел и таја плачела од жалба. Фенерлија је Света Марена и иконата нејзина је фенерлија“.
Во Гевгелиско, празникот Св. Марена (Огнена Марија) го сметале за лесен праник, но сепак, сметале дека на овој ден не треба да се работи. Повеќе го празнувале жените зашто го сметале за женски празник.
Празникот на св. Марена (Огнена Марија) како селски празник се празнува во селото Зубовце, Гостиварско. Според преданието некогаш кога фатила голема суша испукала земјата во полето. Кога сушата се заканувала со уништување на родот во полето чудотворната Огнена Марија го донесла дождот и подарила богат род. „И оттогаш во чест на светицата се држел еднонеделен строг пост со верба, со надеж и со очекување годината да биде сончева и врнежлива – плодна и бериќетна.“ Спроти празникот жените оделе во црквата „Света Марија“, каде што носеле лепче-проскурник (проскура), варена пченица и шише ракија. На денот на празникот и мажите и жените оделе во црквата на свечена утринска богослужба. Тука се осветувале панаѓиите што ги носеле некои семесјства, кои потоа се кршеле и се делеле меѓу присутните. Нафора (мали парлиња леб) се носеле дома и за здравје се давале на членовите од семејството коишто не биле во црквата на утринската литургија. По ручекот сите оделе на средселото на оро, а веселбата продолжувала до вечерните часови. На овој ден се правеле и по неколку свадби. По извесен прекин на празнувањето, поради атеистичкиот режим по Втората светска војна, последните години тоа повторно е обновено. Во црквата се носат панаѓии, се кршат на мали парчиња, а двајца што ќе ги најдат паричките се кумови за следниот празник. Кумовите со пијалок и мезе ги честат сите што присуствуваат на утринската литургија.
И Ефрем Каранов запишал верување од Кратовско дека „Горешници се празнуват три дни и зафаќат на Свети Кирик и Јулита на крајот на јули. Тие се од оган: кој не ги празнува Горешници, ќе му изгоре нешто преку годината.“
Интересно предание за оваа светица забележал и К. Шапкарев. Тој сведочи дека таа го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан, а на тој ден 17 јули селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата која ја сметаат за претставителка и покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата како грчката Деметра и бугарската Жива. Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари ‒ момоци да жнијат во тој ден. И ете, не по многу се запалила сетвата сама од себе, а истовремено ги повеал селаните силен ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната и собраната на крстици, ставици, снопови и полози. Господарот на нивата, кој присуствувал на уништувачката на целата сетва, смајосан од неочекуваното чудо земал од се срце да се моли на св. Марена да му прости и да го угаси пожарот, при што викал: „Прости Св. Марено! Ти палиш, ти гасниш Св. Марено!“ Оттогај веќе на тој ден никогаш не жнеел.
Дека култот на света Марена бил силен во западна Македонија сведочи и Ристо Крле во својата Автобиографија. Имено тој пишува за еден негов престој во Поградец (Албанија) каде што во тоа време (по Првата светска војна, кога Струга влегувала во составот на Кралството Југославија) живеела сестра му Веселинка со зет му Сандре. Во тој период се одржувал панаѓур кај манастирот на св. Марена Лнгарка и Р. Крле со сестра му и зет му го посетиле овој панаѓур. Манастирот се наоѓал во близина на пештерата во која се подвизувала светицата. Р. Крле ја споменува планината Козица и селото Поткожан покрај кое што минале одејќи кон манастирот. Тој сведочи дека во близина на манастирот се наоѓала пештерата, која што имала отвор колку голема двокрилна врата и простор колку голема плевна. На дното од пештерата имало еден тесен отвор низ кој луѓето се спуштале во една дупка во форма на фурна само многу помала. „Влезените петшестина души, во малите шишенца собираа вода што капеше како солзи од каменот над главите, додека некој со чеканчиња кршеа коцки од еден бел камен што личеше на голема дервишка капа (мислам само на висока). На моето интересирање ми рекоа дека водата ја употребувале за доилки на кои има било пресушено млекото, а камчињата исто така за доилки, да не фаќаат зарек од лошите очи.“.
Натаму Ристо Крле сведочи и за чудотворната икона во манастирот. „Кога народот си беше разотиден, попладнето сестра ми Веселинка ме поведе во црквата да запалиме свеќи пред чудотворката… Таа ми даде еден лек да и оставам. Од слушање знаев уште како дете во Струга дека кај неа не се оставаат парите долу покрај иконата, туку на самата исправена икона, и од интересирање, го зедов лекот за и самиот да се уверам во тоа. Сестра ми ја запали свеќата и ја стави на шанданот, истото го сторив и јас и со другата што ми ја даде. Правев се онака камо што правеше таа. Пред иконата и тука таа се прекрсти и ја целива, а потоа ја подигна раката да го стави лекот. Парата звечна како да ја удри од иконата. И јас ја кренав ракава, но мене не ми ја грабна парата туку требаше да стежнам за да се залепи, односно застане. Меѓутоа и покрај тоа таа падна и се истркала долу. Го зедов лекот и повторно го допрев односно, притиснав, но тој пак падна. И по трет пат – истото.
Тога сестра ми Веселинка убаво ми се испули и рече:
-Ристе, многу си брату грешен, затоа не ти ја прима.
-Од каде пак јас грешен?! – реков.
-Што те знам јас…. Ајде уште еднаш… само со верба и чиста душа„!
-Еве – и се обратив на чудотворката: – Св. Марено златна, од се срце ти ја давам иако не е моја. Ако си вистинска чудотворка направи ме среќен и дај ми еден вагон со злато…
Тогаш сестра ми го зеде лекот од рака и бесна што јас реков така, ја крена раката да го стави. Верувале или не, таа не успеа ни да го добере лекот до иконата, поправо до даската на која беше ликот на светицата, како од рака да и го грабна и уште посилно плусна.
-Св. Марено прости му на овој грешник, и ако сторил нешто уште е млад и зелен – рече сестра ми Веселинка крстејќи се и одејќи како рак назад се до излезот на вратата.
Очигледно култот на светата великомаченичка Марена бил многу силен во западниот дел на Македонија особено околу манастирот Свети Наум што нашло место и во живописот во црквите од овој крај, но и во народните преданија. Но во најтоплиот период од годината, на празнувањето на споменот на неколкумината свети великомаченици народот му посветил посебно внимание поврзувајќи го со огнот и со потребата за заштита од пожарите што во овој период од годината не се ретки.