Денеска е 3 септември (по стар стил) и се слави Светиот свештеномаченик Антим.
Роден е во Никомидија и од детството воспитан како вистински христијанин. Телото му беше умртвено, духот смирен, зависта искоренета, гневот скротен, мрзливоста протерана, имаше љубов кон сите, мир со сите, благоразумност во сè, ревност кон славата Божја, јавна за сите.
Не е чудо што човек со такви добродетели беше поставен за епископ.
Свети Антим епископствуваше во Никомидија во времето на жестокото гонење на христијаните под свирепите цареви Диоклецијан и Максимијан. Особено во Никомидија христијанската крв се лееше во потоци.
Една година на денот на Христовото Рождество во еден храм беа изгорени дваесет илјади маченици (види под 10 јануари). Тоа се случи во времето на архијерејството на Антим. Но, гонењето не заврши со тоа, туку продолжи, па мнозина христијани беа фрлени во затвор и така чувани за маки и убивање.
Светиот Антим се оддалечи во едно село, Оман, не за да ѝ побегне на смртта, туку за да може оттаму да го храбри своето стадо во подвигот на мачеништвото, за никој да не отпадне заради страв. Едно од неговите писма до христијаните во затворот беше фатено и предадено на царот Максимијан. Царот испрати дваесет војници да го фатат и да го доведат Антим.
Белокосиот прозорлив старец им излезе во пресрет на војниците, ги воведе во својот дом и ги нагости, па дури потоа им кажа дека тој самиот е Антим когошто тие го бараат. Восхитени од неговата добрина војниците му предлагаа да се скрие, а тие да му речат на царот дека не можеле да го најдат. Но, Антим им одговори дека тој не смее да дозволи со лага да се престапува заповедта Божја и да се спасува неговиот живот, туку појде со нив.
Патем, војниците поверуваа во Христа и примија крштение од овој епископ. Изведен пред царот Свети Антим баше долго и жестоко измачуван, а најпосле го исекоа со секира. Го прослави Господа и се упокои во Него, во почетокот од 4 век.