Денеска е 14 јули (по стар стил) и се слави Светиот апостол Акила.
Еден од седумдесетте апостоли. Како Евреин живееше најнапред во Италија со жена му Прискила. Кога царот Клавдиј нареди да се протераат Евреите од Рим и од Италија, тогаш Акила се пресели во Коринт, каде што првпат го запозна апостолот Павле, кој остана во неговиот дом една и пол година и го крсти него и жена му.
Горејќи од ревност за верата Христова Акила и Прискила го придружуваа Павле во Ефес и му помагаа во апостолското дело. Од Ефес Павле го напиша своето Прво послание до Коринтјаните, во кое при крајот вели: „Ве поздравуваат многу Акила и Прискила со својата домашна црква“ (16, 9).
По смртта на царот Клавдиј, на Евреите им беше дозволено да се вратат во Италија, па Акила и Прискила се вратија во Рим. Потоа пишувајќи го Посланието до Римјаните од Коринт, Светиот апостол Павле ги поздрави своите стари пријатели и сотрудници: „Поздравете ги Прискила и Акила, помошниците мои во Христа Исуса, кои за душата моја своите души ги положија, на коишто не јас еден им благодарам, туку и сите цркви незнабожечки, и домашната црква нивна“ (16, 3-4).
Подоцна повторно го гледаме Акила во Ефес, каде што дејствува заедно со Свети Тимотеј. Окован во Рим, Павле му пишува на Тимотеј во Ефес: „…поздрави ги Акила и Прискила“ (II Тим. 4, 19).
Како епископ Акила крсти многумина и ги просвети со верата, урна идоли, соѕида храмови, постави свештеници и ја пронесе меѓу луѓето славата на Божјиот воплотен Син.
Најпосле беше убиен од озлобените незнабошци и се пресели во Царството на Господ Христос.