Денеска е 17 април (по стар стил) и се слави Преподобномаченик Кипријан Слепченски.
Во времето кога, заради гревовите човечки, Бог допушти Исмаилќаните да владеат со Балканските земји, една група од нивни арамии ја нападна славната Слепченска обител на чесниот Претеча, на Велики четврток, во 1780 година.
Притоа, свирепо го мачеа игуменот Кипријан и го гореа по целото тело, а тој, пак, поткрепен од Христа, храбро застана како столб и поткрепа на доверената му обител, одбивајќи да отстапи пред заканите на иноверните.
Оставајќи го полумртов, разбојниците зедоа сè што беше вредно во манастирот кај селото Слепче во Демир Хисар. Храбриот, пак, Кипријан, по тридневното страдање, замина при Бога на денот на славното Христово Воскресение.