Денеска е 24 јули (по стар стил) и се слави Светата маченичка Христина.
Родум од градот Тир, ќерка на царскиот намесник Урбан, идолопоклоничка. Не се знае од кои причини родителите и го имаа дадено името Христина, но тоа ја криеше во себе тајната на нејзиното идно одење по Христа. До својата единаесетта година не знаеше за Христа ништо. А кога наполни единаесет години, нејзиниот татко, со цел до полната возраст да ја скрие од светот заради нејзината вонредна убавина, ѝ го одреди највисокиот кат од една висока кула и ја всели да живее таму.
И ги устрои сите удобности за живот, и даде робинки да ја служат, постави во нејзините одаи сребрени и златни идоли за да им принесува жртви секојдневно. Но, на таа млада душа и беше тегобно во онаа идолопоклоничка средина. Гледајќи ги низ прозорецот дење сонцето и сите убавини на светот, а ноќе чудесното блескање на ѕвездите, таа по својот природен разум дојде до цврстата вера во едниот жив Бог. Милостивиот Бог, Кој го виде нејзиниот копнеж по вистината, ѝ испрати ангел кој ја прекрсти со крсниот знак, ја нарече невеста Христова и наполно ја поучи во богопознанието.
Тогаш Христина ги искрши сите идоли по нејзините одаи и така предизвика ѕверска лутина кај татко ѝ. Тој ја изведе на суд, ја предаде на маки, а потоа ја фрли во затвор, со намера утредента да ја убие со меч. Но, таа ноќ Урбан здрав како дрен ја испушти душата и отиде во гроб пред ќерка му. Потоа двајцата намесници Дион и Јулијан го продолжија измачувањето на светата девица.
Содржината продолжува после огласот
Храброста во трпењето и чудата што ги изврши Христина со силата Божја обратија мнозина тирски незнабожци во христијанство. За време на нејзиното мачење Дион одеднаш падна мртов среде народот. Неговиот наследник Јулијан ѝ ги отсече градите и јазикот. Маченичката го зеде својот јазик и му го фрли на Јулијан во очи, од што тој одеднаш ослепе. Најпосле нејзините маки за Христа завршија со смрт под остар меч, а нејзиниот живот се продолжи во бесмртното ангелско царство.
Света Христина пострада чесно во третиот век.