Денеска е 7 ноември (по стар стил) и се слават Св. маченик Валериј со уште 32 други маченици.
Светиот маченик Валериј пострада заедно со уште 32 други маченици, во ерменскиот град Мелитина, во времето на прогонот на императорот Диоклецијан, во 298 година.
Императорите беа усрдни поклоници на идолите и гонители на христијаните. Кога до нивните уши дојде веста дека жителите на Ерменија и Кападокија, и покрај заповедите на императорот, одбиваат да им се поклонат на идолите, тогаш тие пратија двајца лукави и предадени на идолопоклонството војници, да ги истребат сите христијани таму.
Пратените војници точно ја исполнија волјата на императорот и ги казнија сите христијани што ги најдоа, отсекувајќи им ги главите. Помеѓу мачениците беше и светиот Валериј.