Денеска е 26 април (по стар стил) и се слави Светиот свештеномаченик Василиј, епископ Амасиски.
Зетот на царот Константин, Ликиниј, кој беше оженет со царевата сестра, се преправаше пред великиот цар дека е христијанин, но кога царот му даде да управува со целиот Исток, тој најпрво тајно, а потоа и јавно почна да ги гони христијаните и да го утврдува идолопоклонството.
За тоа време, неговата жена многу тагуваше, но не можеше да го одврати мажот од нечестието. Кога се предаде на идолопоклонството, Ликиниј се предаде себеси на сите страсти, а најмногу на прељубништво. Заради нападот на оваа нечиста страст тој посака да ја оскверни девицата Глафира, којашто беше на служба кај царицата. Таа ѝ се пожали на царицата и царицата тајно ја испрати во Никомидија во Понтиската област.
Девицата Глафира стигна до градот Амасија, а таму ја примија срдечно епископот Василиј и сите христијани. Беше радосна што најде прилика да си ја спаси девственоста и за ова ѝ пишуваше на царицата. Царицата се радуваше и ѝ испраќаше пари за црковниот храм во Амасија.
Но, едно од овие писма од Глафира до царицата му падна во рацете на царскиот евнух и тој му го покажа на својот господар Ликиниј. Кога царот дозна каде престојува Глафира, испрати да ја доведат во Никомидија, и неа и епископот.
Во меѓувреме Глафира умре, а војниците го доведоа врзан само епископот Василиј. Откако претрпе маки и затвор, овој блажен маж заврши под меч, а телото му го фрлија во морето, во 322 година. По укажување на Божји Ангел, неговите клирици го извлекоа од водата со помош на рибарски мрежи и го пренесоа во Амасија, каде што чесно го погребаа во храмот којшто го подигна самиот.
Царот Константин крена војска против Ликиниј, го победи, го фати и го испрати во ропство во Галија, каде што заврши неговиот богоотпаднички живот.