Денеска е 11 ноември (по стар стил) и се слави Светиот великомаченик Мина.
По потекло египќанец и војник по занимање, свети Мина, како вистински христијанин, не можеше да го гледа одвратното жртвопринесување на идолите, па ја напушти војската, и градот, и луѓето, и сиот свет, та отиде во пуста планина. Бидејќи на свети Мина му беше полесно да живее со дивите ѕверови одошто со незнабожните луѓе.
Еден ден, светителот го проѕре од далечина незнабожечкото празнување во градот Катуанија, па се спушти во градот и пред сите ја објави својата вера во живиот Бог Христос, а ги разобличи идолопоклонството и незнабоштвото како лага и мрак. Кнезот на тој град, некој Пирос, го запраша свети Мина кој е тој и што е. Светителот му одговори: „Татковина ми е Египет, името ми е Мина, бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести.
Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно“. Кога го слушна ова, Пирос го подложи свети Мина на големи маки. Го биеја, го стружеа со железни четки, го гореа со свеќи и го мачеа со разни други маки, и најпосле го убија со меч.
Телото му го фрлија во оган за да не го земат христијаните, но тие сепак спасија од огнот некои делови. Овие остатоци ги погребаа чесно, а подоцна беа пренесени во Александрија и таму ги погребаа и над нив изградија црква.
Свети Мина пострада околу 304 година и се пресели во Христовото Царство. Тој беше и остана голем чудотворец во двата животи, и на земјата и на небото. На секој што го слави свети Мина и во неволја со вера го повикува на помош, тој и му помага.
Повеќепати се јавуваше како војник на коњ, за да им помогне на верните или за да ги казни неверните.