Установите за згрижување и воспитување на децата од денеска почнуваат со работа согласно здравствените протоколи.
Сите установи во Македонија согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија со Ковид-19, како што посочи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.
Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување деца го донесе Комисијата за заразни болести, а со него се овозможува реализација на процесот под посебни мерки за превенција од ширење на коронавирусот.
Протоколот, како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, опфаќа план на активности и делување кои се однесуваат на самата установа, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите на децата кои ќе посетуваат градинка.
– Пред отворање на установите потребно е да се направи дезинфекција на просторот и дворовите во градинките, да се исчистат и дезинфицираат и таа постапка веќе е во тек од страна на општината или соодветниот центар за јавно здравје, се поставуваат едукативни постери со препораки за превентивните активности на истакнати места. Секоја установа треба да озбебеди доволна количина на лична заштитна опрема: маски и ракавици за вработените, средства за одржување лична хигиена, за дезинфекција на вработените и на просторот и задолжително да има безконтактен термометар за мерење на телесната температура. Дезинфекцијата на просториите, подовите, предметите е задолжителна на секои два часа во текот на денот, задолжително е проветрување на просториите согласно временските услови, рече Филипче.
Престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории согласно мoжностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено кога времето го дозволува тоа и во помали групи. Приемот на деца по воспитна група треба да биде со десет минути временска разлика на влез на кој задолжително е растојание од два метри, а детето го спроведува еден родител и секогаш носи заштитна маска. Потребно е да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, лицата кои доставуваат храна задолжително треба да носат маски и ракавици, храната за децата треба да се остава пред занималната, а децата треба да јадат во неа со претходна дезинфекција на рацете и на масите.
– На сите вработените при влегување во установата задолжително ќе им се мери температура. Ако некој вработен има какви било симптоми на болест тој треба да биде остранет од работа. Не се дозволени собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Тие треба да го следат сопственото здравје и состојбата на децата при прием и во текот на нивниот престој во установата и во целост да се придржуваат кон општите препораки за превенција од вирусот. На прием на секое дете му се мери температура, а тоа по влез во градинката задолжително ги мие рацете и повеќе пати во денот. Растојанието меѓу масите за седење на децата треба да биде меѓу еден ипол и два метри, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на крвеетите според принципот нозе – глава, исто такво растојание ќе има на единечни кревети и постелнина на секое дете одбележана со неговото име, истакна Филипче.
Сите вработени во установата мора да носат заштитни маски, нагласи министерот и додаде дека во групите на деца на возраст до две години треба да има максимум по шест деца, а на возраст над две години по максимум 15 деца.
– Секој родител треба да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на неговото дете. Во установата не смее да се користат играчки што не се перат и дезифицираат, тие не се мешаат меѓу групите, а воспитувачките се задолжени за нивна детална хигиена, за задолжително миење на рацете на децата особено после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет под надзор. Кога се менуваат пелени во помалите групи треба да има строго почитување на постапката со одржување на хигиена на рацете и дезинфекција на површините. Протоколот предвидува засилени воспитни активности со деца со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусот, рече Филипче.
Доколку родителот забележи појава на симптоми кај детето од каква било природа не треба да го носи детето во градинка и треба да го контактира матичниот педијатар. Родителот при првото и при секое повторно после болест вклучување на детето во градинка треба да донесе лекарска потврда од матичниот лекар.
Секоја градинка треба да назначи лица по можност медицинско за контакт со надлежниот центар за јавно здравје и ако детето за време на престојот развие зголемена телесна температура ќе се изолира во посебна просторија каде се грижи негователка од неговата група, а назначеното одговорно лице веднаш го известува родителот да дојде во градинката. Истото лице стапува во контакт и со епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и со матичниот педијатар на детето, а во координација меѓу епидемиологот, педијатарот и родителот/старателот на детето се одлучува за натамошната постапка според проценката на ризик која ја прави пред се епидемиологот.
Епидемиологот прави проценка на ризик и евентуална можност за проширување на инфекција во групата или целата градинка со што децата, учителката и негователката од воспитната група каде престојувало евентуално позитивно дете како блиски контакти според проценката ќе одат во домашна изолација. За појавата и преземените мерки, истакна Филипче, се известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ќе се организира вонредна дезинфекција во градинката, позитивното дете со родителот/старателот продолжува во домашна изолација под здравствен надзор и здравствената состојба ја следи матичниот лекар, а установа за хоспиталниот третман е болницата во Козле и педијатриските одделенија низ државата.
– Детето кое било сомнително дека е позитивно на вирусот, а за кое со тестирање е докажано дека е негативно продолжува да ја посетува градинката со потврда од матичниот лекар. Исклучително е важно да направиме се да го зачуваме здравјето на најмалите и да не дозволиме да се шири вирусот во градинките и во семејствата на децата. Клучно е да се почитуваат протоколите од сите чинители. Неопходно е да им се пристапи на децата на начин на кој тие ќе разберат дека се штитат себеси, своите другарчиња и своите семејства, додаде Филипче.
Приоритет за посетување на градинка, како што појасни министерката Шахпаска, ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома.
– Уверени сме дека процесот ќе се одвива без проблем, децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места. Сепак, сакам да апелирам до родителите дека капацитетот на градинките, поради посебните протоколи е значајно намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин, да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства, на кои тоа им е реално попотребно. Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај можат да прифатат други деца што се запишани во градинката, рече Шахпаска.
Во рамки на мерките што Владата ги усвои на 10 март, за справување со коронавирусот, беше прекинат воспитниот процес во сите градинки во државава, а вработените беа ослободени од доаѓањето на работните места.