Денеска е 28 октомври, според стар стил, и се слави Св. маченичка Параскева (Петка).
Родена е во градот Иконија од родители богати и христољубиви. По смртта на своите родители, како девојка, почна да им го раздава својот имот на бедните и на болните, во името на Господ Исус Христос.
Кога настана гонењето во времето на царот Диоклецијан, Параскева беше изведена на суд пред кнезот на таа земја. Штом кнезот ја праша за името, таа рече дека името ѝ е христијанка. Кнезот ја укори зошто не си го кажува своето обично име.
А Параскева му рече: „Требаше прво да ти го кажам името на вечниот живот, а потоа на привремениот“. Откако ја биеја, кнезот ја фрли во затвор каде што ѝ се јави ангел Господов, ја исцели од раните и ја утеши.
Со молитва ги урна сите идоли во незнабожечкиот храм. После долги и лути маки ја убија со меч.
Света Петка Икониска
Како што беше спомнато во христијанскиот календар постојат три светици со името Параскева (Петка).
Покрај света Петка Римјанка што се празнува на 8 август и меѓу народот е позната како света Петка – летна и света Петка Епиватска, празник меѓу народот познат како Петковден што се празнува на 27 октомври, постои уште една света Петка помалку позната, а таа е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. Споменот ѝ се празнува на 10 ноември/ 28 октомври (с.с.) И таа била единствено дете на своите родители поради што со големо внимание и љубов била воспитувана во христијанската вера. Параскева била уште малечка кога починале нејзините родители, а таа нивниот имот го користела за помагање на сиромашните, болните, странците и сл.
При големите прогони на христијаните што се случиле во времето на Диоклецијан настрадала и таа. Била фатена во 303 година, и била предадена на судијата. Тој, пак, изненаден од нејзината убавина ѝ понудил да стане негова невеста и ѝ ветувал богат и раскошен живот. Таа го одбила сето тоа изјавувајќи дека сака да остане верна на својот Бог, Исус Христос.
Поради тоа била мачена, била ставена во оган но останала недопрена од пламените јазици кои ги зафатиле оние што го потсилувале огнот. Гледајќи го тоа судијата наредил да ѝ ја пресечат главата. Следниот ден и судијата загинал што било толкувано како Божја казна за погубувањето на Параскева. Нејзините останки христијаните ги погребале во нејзиниот дом, а над гробот подоцна се случувале разни чуда, пред сè, оздравување на болни од секакви болести.