Денеска е 5 април (според стар стил) и се слави Св. маченици Агатопод и Теодул
Првиот беше ѓакон, а вториот чтец на црквата во Солун; првиот преукрасен со старечка мудрост, а вториот со младешка девственост.
Во времето на Диоклецијановата хајка на христијаните овие двајца беа повикани на суд. Тие се одѕваа со радост и држејќи се еден за друг за рака одеа викајќи: „Ние сме христијани!“
Сите совети на судиите да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите останаа залудни. После долготраен затвор и гладување, ги осудија на смрт со потопување во морето. Рацете им ги врзаа наопаку и им обесија по еден тежок камен на вратот, па ги поведоа на потопување.
Кога сакаа да го турнат прв Агатопод во длабочината, тој извика: „Еве, со второ Крштение се миеме од сите наши гревови и излегуваме чисти пред Христа Исуса!“
Нивните потопени тела морето наскоро ги исфрли на брегот, а христијаните чесно ги погребаа. Свети Теодул на сон им се јави на своите познаници како светол ангел во бела облека и им нареди сиот негов преостанат имот да им го раздадат на сиромасите.
Овие прекрасни Христови војници чесно пострадаа за верата во времето на царот Диоклецијан и солунскиот кнез Фаустин, во 303 година.