Денеска е 6 април (по стар стил) и се слави Св. рамноапостолен Методиј, архиепископ Моравски
Светиот рамноапостолен Методиј, учител словенски, и неговиот помлад брат Константин – Кирил, се родени во Македонија, во градот Солун, во благочестиво семејство.
На почетокот, Методиј, исто како и неговиот татко, служеше воена служба. Царот, откако чу за него дека е добар војник, го постави за управник на една словенска област во рамките на грчката држава. Откако помина во офицерски чин околу 10 години, и ја позна сета житејска суета, Методиј својата волја ја насочи кон одрекувањето од сè земно и ги устреми своите мисли кон небесното.
Оставајќи го војводството и сите животни утехи, тој замина да биде монах на гората Олимп. По некое време во манастирот му се приклучи и помалиот брат Константин. Кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите.
Патувајќи, тие ги најдоа моштите на свештеномаченикот Климент, папа Римски. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ.
Во 862 година, на барање на моравскиот кнез Ростислав, царот ги испрати да го проповедаат христијанството во Моравија, на словенски јазик. Светите Кирил и Методиј по Божјо откровение ја составија словенската азбука (глаголицата) и ги преведоа на словенски јазик Евангелието, Апостолот, Псалтирот и мноштво други богослужбени книги.
Тие го воведоа служењето на словенски јазик. Светите браќа беа повикани во Рим од римскиот папа Адријан I, кој ги прими со голема почест, бидејќи тие ги донесоа со себе моштите на светиот Климент Римски. Во Рим, Кирил се разболе и умре, во 869 година. Методиј, пак, на прозба од словенскиот кнез Коцел, беше испратен во Панонија, откако папата Адријан I го ракоположи за епископ на Моравија и Панонија.
На таа катедра Методиј претрпе многу непријатности, па и прогон и затвор, но тој до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. Ги крсти чешкиот кнез Боривој и неговата сопруга Људмила, како и еден од полските кнезови.
Во последните години од својот живот, Методиј со помош на своите ученици, го преведе на словенски јазик целиот Стар Завет, освен Макавејските книги, како и Номоканонот (правилата на светите отци) и доста светоотечки книги.
Методиј се упокои во Господа на 6 април 885 година на возраст од околу 60 години. Го имаше претскажано денот на својата смрт. Беше погребан во столицата на Моравија, во Велеград, во соборната црква. Неговите ученици Петочисленици, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.