Во услови на глобален спор против контроверзните биографии на историски личности овековечени со статуи, денеска во Германија ќе биде откриен нов споменик на советскиот лидер Ленин.
Повеќе од 30 години по завршувањето на комунистичкиот експеримент по Втората светска војна на германско тло, малата германска марксистичко-ленинистичка партијана Германија (МЛПГ) ќе постави спомен обележје на Ленин во западниот град Гелзенкирхен.
МЛПГ вели дека тоа е прва ваква статуа некогаш поставена на територијата на поранешна Западна Германија, децении откако комунистичката држава Германската Демократска Република (ДДР) и нејзините Берлински ѕид и Штази не постојат.
– Времето за споменици на расисти, антисемити, фашисти, антикомунисти и други реликвии од минатото е јасно поминато, рече претседателката на МЛПГ, Габи Фехтнер.
– Ленин беше мислител, зрак над своето време, со светско-историско значење, ран борец за слобода и демократија, тврди таа.
Но, не секој во Гелзенкирхен, центар на поранешниот индустриски и рударски регион Рур, ја поздравува двометарската статуа на комунистичкиот лидер, првично произведена во поранешна Чехословачка во 1957 година.
– Ленин значи насилство, репресија, тероризам и грозно човечко страдање, оценуваат претставниците на најголемите партии во окружниот совет Гелзенкирхен-Запад во резолуцијата донесена на почетокот на март.
Советот „нема да толерира ваков антидемократски симбол во својата област“, се додава во резолуцијата, во која се повикуваат да се користат „сите легални средства“ за да се блокира инсталацијата на споменикот.
Но, подоцна во март, провинцискиот суд во Минстер го отфрли обидот да се запре поставувањето на статуата.
МЛПГ ќе го прослави откривањето на споменикот, но притоа ги повика гостите да одржуваат физичка дистанца и да носат маски против коронавирусот.