Секој што ќе се осмели да стапне на грчка територија, прво ќе го запалиме, а потоа ќе прашаме кој е, рекол началникот на Генералштабот на грчката Армија, Константинос Флорос на брифингот со новинарите во Грција, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Флорос рекол дека секој оној што ќе се замери со Грција, ќе плати голема цена.

-Имаме капацитет да реагираме во рок од пет минути , штом постои наредба. Секој што ќе стапне на грчка територија, прво ќе го запалиме, а потоа ќе одиме да видиме кој е, рекол Флорос според грчката државна телевизија „ЕРТ“.

Паралелно не ја исклучил можноста за воено дејство, во случај Турција да се обиде да ги премине црвените линии.

-Воената активност е една од можностите. Никој не може да ја исклучи. Ако се случи такво нешто, нема да се ограничи на едно место, веднаш ќе се прошири. Не може да се случи нешто на Кастелоризо, а да не се прошири насекаде, рекол началникот на Генералштабот на грчката армија на средбата со новинарите, пренесе телевизијата „Open“.

Флорос, според АНА-МПА, додал дека иако Грција е член на алијанси и организација, во случај да дојде до воен конфликт, тогаш земјата ќе биде сама и истакнал дека нема да чекаат други да ги извадат од тешката позиција.