Муслиманите во земјава, како и во целиот свет, денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот. Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

– Празникот Фитр Бајрам е триумф на верата над неверството, на доброто над злото, на великодушноста над скржавоста, на солидарноста над понижувањето, на приближувањето едни на други над изолацијата и одвојувањето од другите, на мирот над конфликтот, на духовноста над материјализмот и на помирувањети над одмаздата; накратко: овој голем празник е симбол на исполнување на аманетот доверен од страна на Возвишениот Бог. Овој благословен Рамазан, беше со нас во најтешките моменти кои ги донесе опасната болест Ковид-19 и коегзистираше со нас во текот на сите денови во текот на постот. Ова направи вредноста за верникот да биде уште поголема затоа што водевме двојна војна, едната против проколнатиот ѓавол, а другата во нашите напори да придонесеме за исчезнување на вирусот за да се спасат животите на луѓето. Се молиме на Семоќниот Аллах со молитва да го прифати постот, обожувањето, молитвите, милостината на верниците и да ги усреќи срцата на сите луѓе ширум светот, да ги спаси и подигне послабите, да ги помири срцата на луѓето за да живеат во мир и хармонија, да ги лекува срцата и раните на семејствата на жртвите од опасната болест и да го зајакнат нашето единство за доброто на нашите семејства, на нашиот народ и на и целиот човечки род, вели Реисул Улема, Шаќир Фетаи, во честитката по повод празникот Фитр Бајрам.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани на Република Македонија.

Заврши месецот Рамазан: Скопскиот муфтија Ќенан Исмаили задоволен од почитувањето на анти ковид мерките

Верниците од исламска вероисповед после 30 дневниот пост денеска го слават Фитр (Рамазан) Бајрам. Слично како минатата година и овој месец Рамазан верниците муслимани го помина под рестриктивни мерки и полициски час. Од овие причини недостасуваа и познатите организирани јавни ифтари (вечери).

Скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили, за МИА, вели дека е задоволен од тоа како се одвивала организацијата низ џамиите минатиот месец и во голем дел од нив се почитувале здравствените протоколи. Тоа според него е заслуга на Советите на џамиите и на самите оџи, односно на членовите на муфтиството, кои пред да почне месецот Рамазан ги имале преземено сите потребни мерки за заштита на здравјето на верниците. Муфтијата Исмаили во интервјуто за МИА меѓудругото појаснува и зошто не може во Северна Македонија да се одржи колективно кланање на отворено на молитвата на Бајрам, слично како во Тирана или во другите градови на Европа.

Втора година по ред верниците од исламска вероисповед месецот Рамазан го помина во услови на рестриктивни мерки предизвикани од пандемијата со Ковид-19. Делумно во тек на овој месец се дозволи терави намазот (посебна молитва за Рамазан), но организирани ифтари немаше. Какви мерки презедовте вие како скопско муфтиство за почитување на здравствените протоколи и колку тие беа почитувани од верниците?

– Скопското муфтиско имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата пред почетокот на месец Рамазан одржа состанок со членовите на муфтиството и програмата за месец Рамазан ја хармонизираше со актуелните околности, со што еден дел од традиционалните активности се одложија. Исто така ги утврди протоколите за заштита на верниците за време кога тие ќе бидат присутни во џамиите и донесе конкретни одлуки кои активности ќе може да се одвиваат за време на месецот Рамазан. Со одредени исклучоци ние сме општо задоволни од тоа како се почитуваа мерките.

Процесот на вакцинација во државата се реализира речиси два месеци. Добар дел од јавните личности се вакцинирани со првата доза на вакцина. Исто така дел од јавниот живот се и имамите, оџиите и членовите на советите на џамиите. Дали има некој план за вакцинирање и на ова категорија граѓани, односно дали сте конктактирале со здравствените власти за да и вас ве стават во листите со приоритет?

-Да, редовните контакти со Министерството за здравство ги држи директно Реисот, за се консултират и потоа се носат одлуки. Прашањето на вакцинирањето е дискутирано и во ова насока има конкретен план.

Секој крај на месецот Рамазан, верниците го даваат Садакатул Фитр и Зекатот, како услови на постот и вербата. Вашите апели се да овие средства верниците ги плаќат во ИВЗ со цел организирање на Медресето Иса Бег и верскиот живот на муслиманите. Колку е годишната сума што се собира од овие средства и колку ученици од медресето добиваат од овие средства?

– ИВЗ како највисока верска институција на плеќи ги носи и организира и верските институции, петте медреси и Факултетот за исламски науки, од каде и дипломират оџиите кои потоа ги водат верниците и џамиите. Водењето на овој едукативен процес не е и така лесно, имајќи предвид дека единствен извор се верниците од земјата или пак тие од Европа или пошироко. Сумата која што се собира не е константа, зависно од околностите таа е различна од година во година, но со една просек кој ги покриви трошоците за 5-6 месеци на образовниот кадар, учениците и конвиктот. За ова сме им благодарни на верцните за тековниот придонес што го дават.

Со олеснување на рестриктивните мерки властите апелираат верниците своите верски ритуали ги обавуват на отворени места. Го славиме празникот Фитр Бајрам, дали може да се очекува кланање на овој намаз на отворено, по примерот во Тирана или пак ова ќе се реализира во склоп на дворовите на џамиите?

-Планот за кланање на Фитр Бајрам е утврден претходно, за тоа постои и посебно тело во склоп на Ријастот на ИВЗ. Нашите редовни апели до оџиите и Советит на џамиите од почеток на месец Рамазан беа максимално да се користи просторот надвор од џамијата, таму каде има можност. Македонија е различна од сите држави од околина во однос на применување на намазот, бројот е многу поголем. Собирање на сите на едно место е речиси невозможно. Воедно, собирање на сите на едно место ќе предизвикаше хаос, особено во време на пандемија. Се надеваме дека ќе дојдат подобри денови и ќе се реализира колективни собири каде и ќе се собират поголем број на верници.

Воедно, ЈП Комунална хигиена-Скопје, вчера реализираше активности за рачно и машинско миење на поголемите исламски верски објекти на територијата на градот Скопје. Со употреба на три автоцистерни и едно специјално комунално возило-ВАП, беше извршено миење на дворовите и непосредната околина на џамиите на Мурат Паша и Мустафа Паша во Старата скопска чаршија, Јахја Паша во Чаир, џамијата Иса Бег на Бит Пазар, џамијата Дуќанџик, џамијата Хусеин Шах во Сарај и дуги.

Омер Џафери

фото: Дарко Попов