Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во 15 часот ќе имаат средба во Вила Водно, на која, според најавите од партијата, ќе се разговара за осудените во случајот „27 април“ и за актуелната политичко-економска состојба.
Средбата била закажана по телефонскиот разговор што го имале Пендаровски и Мицкоски, на барање на лидерот на опозицијата.
Мицкоски на брифинг со новинарите, рече дека на ваков начин се одмрзнуваат односите меѓу партијата и претседателот Пендаровски, затоа што, како што посочи, на земјава и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители. Одмрзнувањето на односите со Пендаровски, Мицкоски го оцени како поддадена рака во, како што нагласи, можеби најтешките историски времиња на нашата државност.
Во една таква ситуација, потенцира, некој морало да преземе чекор во интерес на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека во случајот со осудените за „27 април“ не бараат милост, туку само да им се суди за тоа што го направиле, а не за тоа што не го направиле. Зошто на овие луѓе, велат од партијата, ако има нови докази, нови моменти не им се даде можност да бидат судени од почеток во еден фер процес. Правдата, потенцираат, треба да биде еднаква за сите и ако имало повторување на судење за други случаи тоа може да се направи и во овој случај.
Претседателот Пендаровски по најавата за денешната средба само кусо коментира дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Република Македонија. Тоа, вели Пендаровски, може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, што многу недостига во нашата земја.
Ставот, пак, на премиерот Зоран заев во врска со средбата е дека разговор на претседателот на државата Пендаровски со претседателот на најголемата опозициска партија Мицкоски може да донесе нешто добро, а не штета.
-Ќе соопштат тие се што ќе разговараат, ќе слушнеме, но, еве јас да апелирам што и да е нека се бараат решенија нормално, но, секако да се почитуваат вредностите за кои огромното мнозинство на нашето население очекува да бидат испочитувани од сите без разлика дали е тоа Владата, претседателот, опозицијата или слично за теми за коишто се најавува и дека се разговара, рече премиерот Заев.
ВМРО-ДПМНЕ минатата година соопшти дека ќе ги замрзне односите со претседателот на државата откако тој по парламентарните избори одлучи да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.