Еден од најрадосните и најсветлите празници, крај на празниците или нивно исполнување, роденден и темел на Црквата – се најчестите атрибути кои се поврзуваат со празникот Педесетница или Духовден, со кој се одбележува слегувањето на Светиот дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото Воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва, а Црквата го вбројува меѓу 12 големи празници, со кој всушност се заокружува процесот на воспоставувањето на црковниот поредок.

Православните верници утре го одбележуваат празникот Педесетница. Според црковното учење, со слегувањето на Светиот дух врз апостолите се исполнил Домостројот на спасението на човечкиот род, завршило основањето на Црквата Христова или Царството Божјо на земјата. Од мигот на првата христијанска Педесетница, Црквата почнала да го живее својот живот во полнота, да расте и да се развива внатрешно и надворешно.

Меѓу народот овој празик е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педесeтница… Се празнува десет дена по Спасовден  (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден  (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден, туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница, што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.

За значењето и суштината на овоj празник разговаравме со отец Даниел Јовановски, свештенослужител на Скопската епархија.

– Најнапред дозволете ми да го подобјаснам значењето на самите зборови „Духовден“ и „Педесетница“.  Првиот од нив – „Духовден“, нашето онародено име за овој празник, е кратенка од полниот негов назив: „Слегување на Светиот Дух врз Апостолите“. Имено, нашиот народ одамна направил кованки за да ги означи имињата на празниците. Па, како што наместо: „Денот на свети Петар“ велиме: „Петровден“, наместо: „Денот на свети Илија“ велиме: „Илинден“, наместо „денот на света Петка“ велиме „Петковден“… така и наместо „Денот на  слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите“ велиме напросто: „Духовден“.  Ова треба да се знае затоа што многумина погрешно сметаат дека на Педесетница го прославуваме Светиот Дух, што не е точно. Имено, Слегувањето не Светиот дух е празник и откровение на Светата Троица, на раѓањето на земната Црква. Денот на Светиот Дух, пак, го прославуваме утредента, во понеделникот по Педесетница, појаснува тој.

Кога говориме за слегувањето на Светиот дух, додава Јовановски, не следува да го разбираме на симболичен или метафоричен начин, туку на суштински, онтолошки начин.

– Третата ипостас на Троединиот Бог, Светиот Дух, кој е подеднакво Бог како Отецот и Синот, вистински слегува и се вселува во апостолите, а преку нив и во сите луѓе коишто биваат запечатени со печатот на дарот на Светиот Дух, истакнува тој.

Црквата својот внатрешен живот го црпи токму од постојаното актуелизирање на Педесетницата и повикувањето на Светиот Дух. Токму затоа Свети Јован Златоуст во неговите дела вели дека „ние можеме да ја прославуваме Педесетницата во секое време“. Значењето на Педесетницата се состои во тоа што од тогаш Светиот Дух конечно влегува во историјата, во која времето и просторот не постојат без личното присуство, вистинското доаѓање и активното Божјо делување.

Првобитно се празнувал со Вознесение, од крајот на IV век станува посебен празник

Кога се зборува за празникот Педесетница, тогаш неопходно е да се разликуваат два момента: прво, периодот од педесет дена по Воскресение, кога се славеле повеќе настани поврзани со Христовиот живот на земјата, и второ самиот ден Педесетница, кога се славел споменот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Во вториов случај, заедно со слегувањето на Светиот Дух се славело и Вознесението Христово. Одделувањето на овие два празника се случило кон крајот на IV век и по Вториот Вселенски Собор, зашто било особено важно во Домостројот на спасението да се истакне и благодатната улога на Светиот Дух. Така, периодот помеѓу празниците Вознесение и Педесетница станал подготовка за слегување и примање на Светиот Дух.

Јовановски вели дека во христијанското првовековие, кога литургискиот циклус сè уште се развива, некои празници биле прославувани заедно. Таков е, на пример, случајот со празниците Рождеството Христово и Богојавление, коишто долго време, исто така, не биле одделни, туку еден или „двоеден“ благден. Истото се однесувало и на празникот на Вознесението и Педесетницата, во кого, заедно, како продолжение на истата Пасхална радост, се прославувале Вознесение Христово (збиднато во четириесеттиот ден по Пасха) и Педесетница (збидната десет дена потоа).

– Тоа обединето нивно прославување својата богословска логика ја наоѓало во фактот што Христос се вознесува за да го испрати Светиот Дух, а Духот слегува за да го внедри Воскреснатиот Христос во срцата на нас, верните. Но, некаде во 4–5 век, постепено, тој двоеден празник, започнува да биде одделуван во двата торжествени благдена коишто ги имаме денес, појаснува Јовановски.

Првиот и најстар богослужбен чин на Педесетница е од VII век и се наоѓа во Ерусалимскиот устав на грузиски јазик. Во празничното Синајско Евангелие напишано со златни букви, кое потекнува од VIII век, во составот на 12-те евангелија кои се читаа на 12-те Големи празници влегува и евангелието за Педесетница. Вториот целосен богослужбен чин за овој празник го имаме во Цариградскиот устав од IX век.

Првата песна за службата на Педесетница (кондак) ја напишал Роман Мелод во VI век. За некои стихири, како за првата стихира на „Господи Возвах“ на Вечерната богослужба, користени се материјали од словото на св. Григориј Богослов за Педесетница. Црковни песни за празникот пишувале и светите Козма Мајумски, Јован Дамаскин, Лав VI Мудриот и др.

Педесетница – крај на празниците или нивно исполнување

Педесетница е подвижен празник, неговото прославување секоја година се одредува во зависност од датумот на кој се одбележува Велигден, а се вбројува во 12-те големи христијански празници.

За најрадосен и насветол се смета бидејќи со него се заокружува воспоставувањето на Црквата, поткрепена со силата на Светиот дух, кој всушност ги поврзува сите оние верни на Бога, во една целина.

Отец Јовановски појаснува дека Педесетница е крајот на празниците во смислата во која Благовештението е нивниот почеток.

– Имено, ако тоа е почеток на празниците, затоа што е почетокот на воплотувањето на Словото Божјо, тогаш Педесетница е нивниот крај, затоа што преку слегувањето  на Светиот Дух ни се открива целта на Воплотувањето – дека Бог стана човек, за човекот да стане храм на Духот Свет. Но, јас поскоро Педесетница би ја нарекол не „крај на празниците“, ами нивно исполнување, полнота и потврда, затоа што во литургискиот ритам на Црквата, секој велик празник сведочи за одреден историски настан од Домостројот на спасението, и сите тие, како: Рождеството, Крштението, Преображението, Воскресението и Вознесението Господови – водат кон еден единствен врв – полнотата на објавувањето на Троединиот Бог, кон Светата Педесетница, појаснува тој.

Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден тој се покажува во својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот дух. Тој е оној кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

Симбол на духовната пролет и Роденден на Црквата

Педесетницата претставува не само роденден и темел на Црквата, туку и нејзин пример, дека околу апостолите, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници. Светиот дух бил даруван на првата апостолска заедница (Дела 4,31) и преку него тие биле дарувани со сѐ она што било потребно за христијанскиот организам: проповедањето на Евангелието, Свети тајни, харизма и ѓаконство.

Според црковните учења, куќата во која тие пребивале еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот дух им давал да изговараат. За разлика од мистиката на некои други настани во црковните учења, настаните на Педесетница станале очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимците не им бил неопходен духовниот вид, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборувале било едно од чудата кои биле видливи за сите.

Во тој ден се крстиле и присоединиле кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. Постоењето на Црквата, воспоставување на апостолскиот континуитет и секое дејство на Црквата зависи од повикувањето на Светиот дух.

Јовановски истакнува дека како и на секој велик празник и во секоја недела Црквата и овој ден го прославува преку служење на Божествена Литургија.

– Притоа, Педесетничното богослужбение се одликува со својата особена радосност, како и со коленоприклоните молитви од Вечерна на Педесетница, којашто ние, најчесто, ја служиме веднаш по самата Литургија. На неа се читаат и три долги, прекрасни молитви на свети Василиј Велики, а во кои коленоприклоно се молиме за слегување на Светиот дух врз сите верни. Уште една карактеристика на празникот е и украсувањето на црквите со свежи гранки, како симбол за духовната пролет која започнува со раѓањето на Црквата, вели Јовановски.

За душата е најважна молитвата, а храната е благородна ако се раздаде на оние на кои им недостига

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите, ден пред утрешниот празник Педесетница. Отецот Даниел Јовановски во разговорот се осврнува и на значењето на оддавањето почит кон починатите, но и за она што Црквата го пропишува за достојно одбележување на овој ден.

Јовановски вели дека задушниците не се само „во знак на сеќавање на починатите“, не се комеморации, туку се молитва за вечен спомен на упокоените во Бога.

– Имено, бидејќи за Бога нема мртви, туку сите за него сме живи, нашиот молитвен и љубовен однос со нашите мили не завршува во мигот на нивното упокојување. Напротив. Кога некој ќе се пресели од земната Црква во небесната, ние продолжуваме да му се молиме на Бога за него/неа. Токму затоа и постои Педесетничката задушница – за да потврдиме дека Светиот Дух слегол за да го освети и за да му даде вечен живот на целиот свет, вклучително и на оние кои се упокоени за светот, но се живи во Бога, појаснува тој.

Додава дека тоа ние го чиниме во секојдневните наши молитви, просејќи од Бога да им даде Царство небесно, го чиниме при помените од денот на нивното претставување во Царството небесно, а особено го правиме во таканаречените „задушници“, кога секој православен христијанин му принесува молитва на Бога, за да ја упокои душата на починатите „во место светло, место блажено, место мирно, кај што нема болка, жал и воздишка“.

Она што Црквата го прави на Педесетница, додава Јовановски, е служењето на Светата литургија, така и она што таа го прави и што верните треба да го прават и на Задушница е  учеството на Литургијата. По неа, пак, во храмовите и/или крај гробовите на нашите, вели тој, треба да се помолиме за нив. Во тој контекст, токму тоа е она што Црквата го пропишува – пропишува молитва.

Кога, пак, станува збор за надворешната, обредна, страна на Парастосот, додава Јовановски, верните кај нас би требало да носат со себе блага варена пченица и вино, а во некои краишта, се носи и погача. Пченицата се носи, како симбол на воскресението, согласно Христовите зборови: „ако пченичното зрно, што паднало на земја, не умре – останува само; а ако умре – многу род носи“ (Јн 12, 24). Виното, пак, што се користи за полевање на житото, е симбол на Христовата пролиена крв за животот на светот.

– Познато е дека кај нас, под влијание од нехристијански традиции, честопати на гробовите се носи и многу храна, „за душата на упокоениот“, односно „за-душница“. Меѓутоа, како што Црквата постојано поучува, и како што нашата Црква редовно апелира: гробовите на нашите места не бива да ги претвораме во трпези. Носењето на храна е благородна и вистински црковна пројава само и само доколку се носи храна за да им се раздаде на оние на кои таа навистина им треба, вели Јовановски.

Денот на слегувањето на Светиот дух – ден на принесување на даровите на помирувањето

Свети Јован Златоуст укажува дека на денот на слегувањето на Светиот дух врз апостолите, Синот ги принесува „даровите на помирението“ на Бога на верните, преку Неговата жртва. Според црковните учења помеѓу Синот и Светиот дух се остварува не само обична размена преку која Синот во залог ја зема нашата природа која истовремено преку Воскресението ја вознесува на небото, туку ни го праќа и прославениот Христос и Светиот дух покажувајќи го помирувањето помеѓу нас и Бог Отецот. Слегувањето на Светиот дух е вистински знак на помирување, како што неговото допирање било знак за гневот Божји.

– Пораката што ни ја дава Црквата на овој велепразник е: секој ден и сиот наш живот да ни биде постојана Педесетница и Светиот дух непрестајно да пребива во нашите срца. А за да биде така, за вистински да го примиме него, за да живееме според него и да постапуваме според него, потребно е хвалително и славословно да му благодариме на Бога за сѐ, вели Јовановски.

Така, додава тој, во нас ќе расте плодот на Духот, плодот, кој, како што вели светиот апостол Павле, е „љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост“ (Гал 5, 22).

– Затоа, и на Педесетница, Црквата нѐ повикува постојано во срцата да му се обраќаме на Светиот дух со молитвата: „Цару Небесен, Утешителу, Духу на Вистината, дојди и всели се во нас…“, за Тој да нè осени со Неговата благодат, та сокрушено одејќи по патот на очистување на срцето, просветлување на умот и обожението, да бидеме вистински чеда на Бога и живи членови на Светата Црква – на Телото Христово, вели Јовановски за МИА.

Ана Цветковска

Фото: Фросина Насковиќ