Република Македонија утре го слави големиот национален празник Илинден. Датумот 2 август во македонската историја има поврзаност од древната историја на Македонија. Утре се слави Денот на Републиката 2 Август и двата историски Илиндена – 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од Првото заседание на АСНОМ.
Но, овој датум е поврзан со уште еден историски настан низ историјата поврзана со името Македонија. Имено, на 2 август во 338 година п.н.е. се одиграл уште еден познат настан во историјата – Битката кај Херонеја, важна битка на Македонското кралство под водство на Филип II Македонски. Тоа била најголемата победа на Филип II Македонски. Таму Македонците и Тесалијците под командата на Филип (со 32.000 војска) ги поразил помалите здружени сили на Атина и Теба, зацврстувајќи ја македонската хегемонија во Грција.
Утре по повод двата Илиндена, од 1903 и од 1944 година на големата прослава на Мечкин Камен ќе говори претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Во 9.30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10 часот на Споменикот на хероите во месноста Слива. Во 12 часот ќе биде положено цвеќе на Мечкин Камен, по што претседателот Иванов ќе има обраќање.
Чествувањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце ќе почне во 11 часот. Во делегацијата, која ќе ја предводи претседателот на Владата Зоран Заев, ќе бидат министрите Оливер Спасовски, Никола Димитров, Рената Дескоска и Асаф Адеми. Тие ќе положат цвеќе во Меморијалниот центар, а обраќањето на премиерот Заев е предвидено за 11.30 часот.
На свеченоста во Пелинце настапат хорот „Вардар“, ансамблот „Танец“ и КУД „Емин Дураку“.
Чествувањето во Скопје ќе почне во 10 часот пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев, каде што цвеќе ќе положат спикерот на Собранието Талат Џафери и владина делегација составена од министрите Мила Царовска, Драган Тевдовски и Едмонд Адеми.
Делегацијата во 10.30 часот ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, а во 10.45 претседателот на Собранието Џафери ќе има обраќање.
Илинден ќе се слави и во Смилево, каде што се обележуваат 115 години Илинден и 76 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ за ослободување на Смилево.
По тој повод, во 9 часот цвеќе ќе биде положено на спомен-обележјето могила на Даме Груев – обелиск, на споменикот на Смилевските илинденци – обелиск и на спомен-плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.
Како и минатата година, чествувањето е инспирирано од Крушевскиот манифест и логото е „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
А датумот 2 август и името Македонија ги поврзува уште еден историски настан, битката кај Херонеја (338 п.н.е.).
Битката се водела по класичните принципи на војување — фалангата на Атина и нејзиниот сојузник, Теба наспроти македонската фаланга на Филип. Атињаните биле на левото крило, а Тебанците на десното (со важниот Свет баталјон) најдесно. Атињаните и Тебанците биле сместени до центарот на борбената линија. Кај Македонците пак, Филип го командувал десното крило, додека неговиот син Александар го командувал левото, надгледуван од најдобрите команданти на кралот.
Античките извори велат дека двете страни жестоко се бореле долго време. Филип намерно ги повлекол неговите трупи на десното крило за да ги пробие грчките линии. Александар бил прв што ги разбил тебанските линии. Откако го видел ова, Филип решил да нападне, а Атињаните не можеле да им се спротистават на македонските ветерани. Со повлекувањето на Атињаните, Тебанците останале да се борат сами и биле поразени.