Најмалку десет хотели во Солун вчера примија мејл од непознат испраќач со предупредување дека се поставени бомби што предизвика низа превентивни евакуации и проверки од полицијата, кои траеја до доцна синоќа, за на крај да се покаже дека станува збор за лажна пријава, но и за еден од ретките, а веројатно и прв ваков случај на толку масовни закани и тоа во хотели, јави дописничката на МИА од Атина.
Извори од полицијата за грчката новинска агенција АНА-МПА рекле дека никогаш досега немало слични и толку масовни закани во хотели, не ја исклучиле можноста мејлот да бил испратен и до други хотели, а едноставно персоналот да не го видел.
Грчката полиција, вчера, според АНА-МПА, првично била известена од три хотели, кои го примиле мејлот со предупредувањето за бомба, а додека траела проверката, следувале пријавите од уште неколку хотели.
Предупредувањата за поставена бомба, во главно преку анонимен телефонски повик се чести во Грција и обично се однесуваат на судови, метро станици, јавни служби, но и училишта и во најголемиот број случаи станува збор за лажна пријава.