Десетици припадници на косовската специјална полиција со џипови пристигнаа до зградите на локалната самоуправа во Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, а Срби, вработени во тие општини, се собраа пред влезовите во зградите, пренесе Бета.
Во Звечан се слушнале истрели, а запалене е полициско возило, јавува РТС. Ситуацијата ескалирала по дискусија меѓу граѓани и припадници на косовската полиција во Звечан, а се слушале и пукотници.
– Во неколку наврати се фрлаа солзавец и шок-бомби. После тоа граѓаните побегнаа.
Потоа повторно се обидоа да се вратат пред зградата на општината, а полицијата со пушки се движеше кон општината, се слушна шок бомба, пренесува Радио Контакт Плус.
Александар Арсенијевиќ од Граѓанската иницијатива „Српски опстанок“ изјави дека косовската полиција прво ги нападнала жените, а потоа него и дека директно му испрскале солзавец во очите
Во болницата во Косовска Митровица за РТС е потврдено дека во конфликтот меѓу специјалните сили на косовската полиција и насобраните граѓани се повредени десетина лица, јавува Н1.
Во овој момент ситуацијата е малку смирена, но е многу тензична, јави дописникот на РТС.
Заменик-директорката на Клиничко-болничкиот центар во Северна Митровица, Даница Радомировиќ денеска изјави дека никој од повредените не е задржан во болница.
Дописникот на РТС јави и дека било опожарено полициско возило. Според Н1, припадници на косовската полиција влегле во зградата на општина Звечан, откако употребиле солзавец и шок бомби.
На приодот кон Митровица од правец на Приштина, нема видливо зголемено присуство на полиција.
Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, потпиша наредба за подигање на борбената готовност на единиците на српските вооружени сили на највисоко ниво и им нареди да се движат во правец кон границата со Косово.
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека наредбата била издадена нешто пред 14 часот и оти Армијата започнала со активности од тој момент.
– Наредено е итно движење кон административната линија со Косово, изјави Вучевиќ во живо за белградски медиуми.
Тој предупреди дека настаните на северот на Косово, каде приштинската влада ги презема зградите на локалните самоуправи, „не се игра, туку дека тоа ја загрозува безбедноста на сите во регионот“.