Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека се залагаат за ветинг и оти чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на тој процес.
– Ставот јасно се кристализира дека се залагаме за ветинг. Мислам дека не треба да има стравување ниту кај чесните судии, ниту кај чесните обвинители за некаква злоупотреба при процесот на ветингот, изјави денеска министерката Дескоска по одржувањето на конференцијата на тема „Улогата на жените во сочувувањето на мирот и безбедноста и Резолуцијата 1325“
Посочи дека има меѓународни примери за спроведувањето на ветингот.
– Ветингот не го спроведува извршната власт, туку на експертско ниво мешовита комисија, во која што во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гарантори на процесот, рече Дескоска.
Додаде дека веќе созрева не само во рамки на Владата, туку и генерално во државата сознанието дека мора да се направат чекори за побрзо прочистување на судството од неквалитетни и непрофесионални судии, а секако тоа се однесува и за обвинителството.
– Останувам на ставот дека е многу побитно да имате чесни и професионални судии и обвинители, отколку да ги има а да не си ја вршат работата како што треба. Тие носат поголема штета, отколку што би било забележано како штета нивното оптсуство во судството, рече Дескоска.
Таа додаде дека поддржува се што може да значи исчистување на политичката сцена, на државната сцена од луѓе кои се корумпирани, кои се непрофесионални, кои имаат врска со мафијашки и други кругови за да се донесе поголем квалитет.
Министерката за правда не сакаше да ја коментира смс пораката на обвинителката Вилма Рускоска дека ќе поведе финансиска истрага против судиите од Апелацискиот суд, кои донесоа одлука поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во случајот „Рекет“, да излезе од притворот во Шутка и да издржува куќен притвор, ги налути апелациските судии.
– Од позиција на министер за правда не смеам да коментирам ниту судски, ниту обвинителски одлуки, случаи, ниту пак изјави од обвинители. Генерално сите гледате што се случува изминатиов период во судството и обвинителството и мислам дека веќе сите се свесни дека и кај нив треба да се случуваат реформи, истакна Дескоска.