– Венецијанската комисија во својот одговор изразува задоволство од одличната соработка меѓу Владата и Комисијата. Истакнуваат дека текстот на Законот за судови сега е многу појасен, внатрешно покохерентен и подобро го изразува европскиот пристап на одговорност на судиите, посочи Дескоска, откако наведе дека претходно до Комисијата бил доставен текстот што го усвои Владата за нацрт-законот за судовите.
Истакна дека во текстот се наведува оти нивните препораки се соодветно имплементирани, нагласувајќи дека во реформските приоритети што се добиени како задача во процесот на евроинтеграции, особено значајно место има позитивната оценка на Венецијанската комисија за законот за судови.
– Се пооструваат критериумите за избор и напредување на судиите, се овозможува судиите кои ќе бидат предавачи на Академијата за судии и јавни обвинители да ја извршуваат судската функција во намален обем, се проширува листата на позиции заради кои може да мирува судската функција и се воведува можност судиите да работат до 67 години, дел од клучните измени кои ги наведе Дескоска.
Посочи дека како потешки дисциплински повреди, за што може да се поведе постапка за разрешување на судија се утврдени: потешка повреда на јавен ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со која се нарушува угледот на судот и неговиот углед, грубо влијание и мешање во вршењето на судска функција на друг судија, ако одбие да поднесе изјава за имотната состојба и интереси согласно закон или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистини…
– Ако е осуден со правосилна судска пресуда на казна пониска од шест месеци, а која е директен резултат на постапување во вршење на судска функција, намерно или со свесна небрежност, ако земе во работа предмет што не му е распределен преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите и ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставуваат основ за утврдување на одговорноста на судијата, истакна Дескоска, како дел од клучните измени на Законот за судии кои се однесуваат на нестручно и несовесно вршење на судска функција заради кое може судија да биде разрешен.
Посочи дека за утвредена одговорност на судијата, Советот може да изрече дисциплински мерки: писмена опомена, јавен укор и намалување на плата во висина од 15 до 30 проценти од месечната плата на судијата од еден до шест месеци.