Привилегија е фактот што сум прва министерка што доаѓа овде по спроведувањето на Договорот од Преспа, вели министерката за правда на Северна Македонија, Рената Дескоска за грчката новинска агенција АНА-МПА за првата посета на Грција по стапувањето на сила на Договорот од Преспа.
Како што јави МИА од Атина, Десковска изјавила дека „се чувствувам дека сум дојдена во пријателска земја, чувствувам позитивна атмосфера“.
Таа изминатиот викенд учествуваше на првиот „Thessaloniki Regional Formum“, на кој, како што вели „сите говорници имале да кажат нешто позитивно за Договорот од Преспа и да им честитаат на премиерите Заев и Ципрас за нивната визија“. А за решението меѓу двете земји, истакнува дека „не постои идеален договор“.
-Кога преговараш ќе треба да направиш отстапка, бидејќи тоа е суштината на компромисот. Нешто добиваш, а губиш нешто друго. Сметам дека и двете земји имаа отворен пристап за време на преговорите, трпение и ги знаеја црвените линии и основните потреби на другиот, па така дојде компромисот што беше добра основа за да го имаме овој договор, вели Дескоска.
Министерката за правда смета дека сега билатералните односи ќе помината на високо политичко ниво и ќе бидат подобри и на политичко и на економско ниво во споредба со претходно, а ќе се зголеми размената на посети на министри, на академици и претставници на граѓанското општество.
-Овој вид на контакти недостигаа претходно. На пример, за реформите во Министерството за правда користевме искуство и помош од странски експерти кои ни помогнаа во овој процес. Имавме експерти од Словенија, Бугарија, Хрватска, но не и од Грција. Со овој договор и експертите од Грција се добредојдени да помогнат во реформите што ги правиме за да ја подготвиме средината за интеграција, објаснува Дескоска за АНА-МПА, пренесе МИА.
Во однос на европската и евро- атлантската перспектива на земјата вели дека членството во НАТО е обезбедено и изразува надеж дека во јуни ќе се отворат преговорите со ЕУ.
Во интервјуто за грчката новинска агенција, објаснува дека за земјите од Западен Балкан е важно да се чувствуваат дека е остварлива целта за евро-атлантска интеграција.