Интересно, формалниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ г. Христијан Мицкоски денес ме обвини дека јас сум пречка што Законот за јавно обвинителство не е донесен, реагира денеска министерката за правда Рената Десковска по прес-конференцијата на Мицкоски.

– Лошо е ако г. Мицкоски има искривена перцепција за реалноста и не знае да ја оцени вистинската состојба на разговорите за законот, ако не е свесен кои се црвените линии за правда и владеење на правото чие почитување го бараат граѓаните, но и меѓународната заедница. Исто така е лошо и ако е свесен за тоа, но не ја зборува вистината, па намерно шири лажни вести. Му порачувам да си погледне во сопствениот двор и да се запраша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот. Неговата денешна изјава е крик на немоќ, крик на фрустрација дека вистинската намера на нивните позиции во однос на Законот за јавно обвинителство е разобличена и дека барања за заштита на криминалот и амнестија на криминалците нема да поминат, објави Десковска на Фејсбук.

Натаму во одговорот на министерката за правда се вели:

– Се додека истакнуваат барања кои значат рушење на правната држава и амнестија за криминалот – тие барања нема да поминат. И тоа не е само мој став. Тоа е став и на СДСМ, тоа е став и на нашите граѓани. Јас тој став, како министер за правда го застапувам досега и ќе продолжам да го застапувам и понатаму. Морам да кажам дека ми ласка и тоа што формалниот претседател на најголемата опозициона партија во неколку наврати изминатава недела се “занимава” со мене и ми придава големо значење и улога – дека мојата улога била клучна во заштитата на јавниот интерес во преговорите за законот. Сепак во интерес на вистината морам да кажам дека целиот наш четворочлен тим е апсолутно обединет во бранењето на црвените линии – правда и правна држава, што ја прави мојата позиција како водач на тимот многу комотна. И на крајот: г. Мицкоски, размислете добро уште еднаш дали вреди интересите на Вашиот лидер зад сцената да ги ставате пред интересите на граѓаните, пред исполнување на нивната потреба за правда и правичност и желбата за евроинтеграција! Времето истекува. На Вас останува каква улога ќе одиграте – улога на лидер или улога на марионета, пишува Десковска на својот профил на Фејсбук.