Во бессознание бил извлечен од морето на плажата во Ханиоти на првиот крак на Халкидики, 20-годишен македонски државјанин, по што веднаш бил пренесен во болница каде што била констатирана смрт, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Крајбрежната служба на Грција информираа дека вчера попладне управата во Неа Мудања била известена дека „20-годишен странец (државјанин на С. Македонија) е извлечен без свест од морскиот дел на плажата Ханиоти во општина Касандра“.

Момчето со возило на брзата помош било пренесено во Здравствениот центар во Касандра, каде што била констатирана смрт.

Крајбрежната управа на Неа Мудања спроведува прелиминарна истрага за смртта на 20-годишниот, а телото ќе биде пренесено во Служба за судска медицина во Солун за да се изврши обдукција.

Волонтерот спасувач Јоанис Колокитас кој само неколку минути по несреќата пристигнал на плажата, преку социјалните мрежи изрази жалење за смртта на момчето и посочи дека 20-годишниот доживеал срцев удар по давење во морето.

Објасни дека спасувачката која била на плажата со помош на други капачи го извлекле момчето од морето и веднаш започнала со пропишаниот процес на реанимација со истовремена употреба на автоматски дефибрилатор.

– Во 16:45 ми се јавија и пристигнав на местото за две минути, приклучувајќи се кон напорите заедно со спасувачката за да го вратиме детето во живот. Итна реакција на екипата на брзата помош со здравствените работници Андонис и Катерина, продолжувајќи ги напорите заедно, но за жал без посакуваниот резултат. Транспорт на детето до здравствениот центар и придружба од моја страна во кабината на возилото на брзата помош, правејќи кардиопулмонална реанимација со Катерина од местото на преземање до здравствениот центар Касандра, а Андонис вози што е можно побрзо и внимателно, но за жал лекарите ја констатираа смртта на детето, напиша волонтерот спасувач Колокитас.

МНР: Конзулатот во Солун е во комуникација со семејството на момчето за транспорт на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека до македонскиот Конзулат во Солун е доставена информација дека на плажа во близина на Халкидики животот го загубил 19-годишен македонски државјанин.

Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Македонија.

Како што претходно јави дописничката на МИА од Атина,  момчето во бессознание било извлечено од морето на плажата во Ханиоти на првиот крак на Халкидики, по што веднаш било пренесено во болница каде што била констатирана смрт.

Крајбрежната управа на Неа Мудања спроведува прелиминарна истрага за смртта на момчето, а телото ќе биде пренесено во Служба за судска медицина во Солун за да се изврши обдукција.

Фото: МИА архива