Две лица загинаа во сообраќајна несреќа на главниот пат Цетиње – Будва кога автобус на компанијата „Паповиќ“ слета во провалија долга 15 метри. Во автобусот имало 27 патници.

Елеваторот кој пристигна од Подгорица го извлече автобусот од провалијата. Од Службата за заштита и спасување од Подгорица за порталот РТЦГ информираат дека под автобусот не се пронајдени повеќе тела, како што претходно се стравуваше.

Како што соопшти дежурната обвинителка Анѓе Радовановиќ, едното настрадано лице е државјанин на Велика Британија, а другото женско лице е неидентификувано.

Дежурната државна обвинителка Радовановиќ соопшти дека на лице место излегла со вештаци од машинската и сообраќајната струка.

„Утврдивме дека 22 се повредени, девет се префрлени во КЦЦГ, двајца загинале. Возачот моментално се наоѓа во болницата во Цетиње, по што поради повредите ќе биде префрлен во КЦЦГ“, изјави Радовановиќ.

Таа додава дека прелиминарните податоци покажуваат дека немало контакт со друго возило.

Началникот за операции на Службата за заштита и спасување на Цетиње, Марко Поповиќ за медиумите изјави дека повикот го добиле околу 12:11 часот.

Автобусот го возел Н.С од Никшиќ, а билетот од Никшиќ за Котор утрово го купиле четири лица. Возачот е хоспитализиран, а од него ќе биде земена изјава за околностите на несреќата. Како што дознаваме, не е исклучена можноста тој да биде лишен од слобода.

Полициската управа на ОКЦ соопшти дека се уште се утврдуваат деталите за несреќата.

Автобусот на компанијата „Паповиќ“ требало да превезува патници на релација Никшиќ – Подгорица – Цетиње – Будва – Котор.

Автобусот тргнал од Никшиќ во 9:44 часот.