Граѓаните му даваат на јавното здравство оценка 2,4 и сметаат дека неговиот квалитет е на пониско ниво споредено со пред пет години, покажува најновото истражување на јавното мислење за состојбите во здравствениот систем спроведена за емисијата „Детектор“ на телевизија „Сител“.
Според министерот за здравство Венко Филипче, има простор за унапредување на квалитетот на здравствените услуги, но има и сегменти што добро функционираат особено мерките имплементирани минатата година.
– Ќе продолжиме да инвестираме во здравствениот систем. Сериозна сума на средства досега вложивме во платите, буџетот за ретки болести, дежурствата, младите лекари. Планираме да инвестираме во медицинска опрема во новите болници во Штип, Струмица, Св. Еразмо Охрид, Ургентниот центар во Тетово, со што ќе ја доближиме здравствената услуга многу поблиску до пациентите и тие не ќе мораат да патуваат до најблискиот регионален центар или до Скопје. А воедно инвестицијата во нов клинички центар ќе биде една од најголемите капитални инвестиции воопшто во нашата земја, во вредност од 500 милиони евра. Со овие мерки верувам дека ќе ја смениме сликата за здравствениот систем во земјата и европеизацијата која ја чекаме, може да ја постигнеме со наши национални политики, истакна Филипче во емисијата „Детектор“.
Докторката Лидија Чолакова-Дервишова од Здружението на приватни лекари смета дека недостигаат многу системски решенија, а Весна Алексовска од здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ вели дека капацитетот во здравството е намален и оти треба да се едуцираат лекарите, да се зголемат здравствените услуги и да се понудат системски решенија.
– Но, треба да се гледа и на кој пациент што му треба, затоа што системските решенија не секогаш ги опфаќаат маргинализираните групи, вели Алексовска.
Резултатите од спроведеното истражување покажуваат дека анкетираните граѓани односно 63,1 процент се задоволни од квалитетот на лековите што се нудат во аптеките, но 47,4 проценти сметаат дека аптеките не се добро снабдени со лекови на рецепт во текот на месецот. Дел од нив, се изјасниле дека лековите се со достапни цени, но само доколку се на рецепт (33,2%), а дел тврдат дека лековите се прескапи (28,6%).
Во однос на ова, министерот Филипче посочи дека се воведени три нови лека минатата година и уште два нови лека годинава. За многу кратко време, како што рече, зголемен е и буџетот за ретки болести од 220 на 380 милиони денари.
Истражувањето открива дека 65,1 процент од граѓаните не знаат колку одвојуваат од нивните примања за здравствена заштита. Мнозинството граѓани, односно 67,6 проценти одат на лекар во државна здравствена установа, а помал процент во приватните здравствени установи. Повеќето сметаат дека здравственото осигурување треба да биде задолжително како и досега, (49,0%), иако значителен дел од нив сметаат дека треба сами да одлучат дали ќе го плаќаат или не (34,0%).
Гостите во емисијата беа на исто мислење дека е потребно реформирање на Фондот за здравствено осигурување. Така, Чолакова – Дервишова смета дека државата е зрела за промена на начинот на плаќање и според неа мора да има повеќе здравствени фондови со кои би имало конкурентност.
И министерот Филипче посочи дека се размислува за реформирање на Фондот и на начинот на кој се плаќаат здравствените услуги. – Еден од најголемите проблеми е тоа што примарното здравство се наплаќа по глава на жител, а секундарното и терцијарното здравство се одредуваат историски. Многу тешко на овој начин се контролира префрлувањето на пациентите од примарното во секундарното здравство, а со тоа и трошокот кој тие го прават, појасни Филипче.
Во однос на имунизацијата на населението, висок процент или 73,6 проценти од испитаниците сметаат дека вакцинацијата треба да е задолжителна.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека државата не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на квалитетот на здравствениот систем, но сметаат дека доколку станеме членка тогаш здравството ќе се подобри.
Истражувањето беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во периодот од 10 до 13 јуни на 1.119 полнолетни испитаници на ниво на целата држава.