Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе доделува пакети со заштитна опрема и средства за дезинфекција на медиумите со цел поголема заштита на новинарите и медиумските работници од коронавирусот.
Како што информира попладнево ЗНМ, подготвени се два вида пакети. Првиот е пообемен и е наменет за националните медиуми кои имаат поголеми редакции, а вториот е за медиуми со помал број вработени. Со оглед дека количина пакети е ограничена, принципот на распределба ќе биде „прв пријавен – прв услужен“, а секој медиум може да добие максимум еден пакет.
Поради итноста на ситуацијата, крајниот рок за аплицирање е 6 април 2020 (понеделник).
-Во услови на глобална пандемија од исклучително значење за ЗНМ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, но и за пошироката јавност е да имаме квалитетни и навремени информации. Сметаме дека заштитната опрема ќе помогне за остварување на таа цел, која не би била возможна без добро заштитени новинари и медиумски работници, наведува ЗНМ.
За правилна распределба на пакетите, ЗНМ ги повикува медиумите да испратат порака на електронска пошта (vkostovska@znm.org.mk; contact@znm.org.mk) и во неa да се наведе: името на медиумот, видот на медиумот (телевизија, радио, весник, интернет портал), вкупниот број вработени во медиумот и официјална адреса на медиумот (каде ќе бидат доставени пакетите).
-Поради големиот број медиуми укажуваме дека секој медиум ќе може да добие не повеќе од еден пакет. Освен тоа, апелираме до медиумите кои веќе обезбедиле соодветна заштита за своите вработени или нивната работа не вклучува известување од терен да не аплицираат за добивање на пакети, бидејќи на тој начин може некој од колегите што секојдневно се изложени на ризик да не бидат соодветно заштитени. доставата на пакетите ќе се врши исклучиво на адресата на медиумот за што потребно е да делегирате и лице за контакт со негов мејл и мобилен телефон.
Барањето за пакетите треба да се испратат на Верче Костовска (vkostovska@znm.org.mk) и на основната електронска адреса на ЗНМ (contact@znm.org.mk) со предмет: Пакет за заштита на новинари и медиумски работници.