Во Белград денеска почна вториот Дигитален самит на економиите на Западен Балкан, на кој се присутни околу 4.000 учесници и 200 говорници од 30 економии, кои ќе ги претстават најновите трендови во областа на ИТ индустријата.

Самитот го отвори српската премиерка Ана Брнабиќ, а на првиот панел ќе зборува и еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел и генералниот секретар на Меѓународната унија за телекомуникации Хоулин Жао.

Во рамки на Самитот најдобрите ИТ компании ќе имаат можност да им се претстават на политичките и бизнис лидерите од Западен Балкан, Европа и светот.

Учествуваат голем број министри за информатичко општество и дигитална економија, претставници на Европската комисија, ИТ индустријата и стопанството од регионот и светот. Претставник од Македонија е министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Дигиталниот самит е еден од симболите на регионалната соработка, а инициран е со Берлинскиот процес.

Првиот Дигитален самит се одржа во Скопје во април минатата година.