Државната изборна комисија денеска го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето на избирачко место 1.789 во Ново Село за избор на градоначалник.
По службена должност, како што е речено, го отвори гласачкиот материјал и по неколкукратно пребројување констатираше дека тој е во ред и оти бројот на гласачки ливчиња во кутијата се совпаѓа со бројот на избирачи кои гласале.
-По отворање на гласачкиот материјал и по пребројувањето од страна на членовите на ДИК и службите констатирано е дека гласачкиот материјал е во ред и се констатирани бројки кои се во записникот за утврдени резултати, добиени гласови и неважечки ливчиња, рече претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.
Како што констатира ДИК по броењето, во Избирачкиот список биле запишани 412 граѓани кои на денот на изборите гласале, двајцата кандидати добиле 197 односно 210 гласови, а пет ливчиња биле неважечки. При броењето беа констатирани и две ливчиња откинати од кочан, но неупотребени, поради тоа што им бил откинат еден агол. На нив не е заокружен ниту еден кандидат ниту било што на нив било напишано или прешкртано, така што, како што рече Дерковски, тие не се неважечки, туку неупотребени.
Сепак ДИК донесе одлука да го разреши Избирачкиот одбор кој не го составил записникот, поради сомневање на еден член за помал број гласови во Избирачкиот список од оној на гласачки ливчиња, но и Општинската изборна комисија чии членови го направиле тоа наместо Одборот.
-Сега веројатно е појасно зошто одборот и комисијата не можеле ништо да направат броејќи иако броеле повеќепати. Поради несериозност и лошо извршената работа барам да се разреши и ИО и ОИК. Одборот затоа што дозволил друг да го составува записникот, а потоа да се потпише, а општинската Комисија затоа што го направила истиот прекршок и ги дозволила овие состојби во гласачкиот материјал и и ги измешала ливчињата, рече претседателот на ДИК.
Доколку гласањето на ова место беше поништено ќе мораше да се прегласува бидејќи разликата во вкупно освоени гласови на двајцата кандидати за градоначалник на Ново Село е 19 гласови.
Инаку, ВМРО ДПМНЕ поднесе 12 приговори до ДИК. Од нив само овој се однесува за локалните избори, а останатите 11 се за гласањето на претседателските избори. Со оглед на разликата во освоени гласови на двајцата претседателски кандидати и да биде поништено гласањето на овие места, прегласување нема да има поради тоа што тоа нема да влијае на крајниот резултат.
Одлуките на ДИК, учесниците во изборниот процес имаат право да ги обжалат пред Управниот суд во рок од 24 часа. Судот пак е должен по нив да се произвесе во рок од 48 часа.