Во однос на оние предлози кои ги дава опозицијата не би сакала да зборувам затоа што имавме избори пред повеќе од година и пол и повеќе од јасно е гласачите на кого ја дадоа довербата. Ако тие беа добри и дадоа добри мерки во 2022 година, најверојатно во 2024 година ќе беа победници, а не губитници, така што не би сакала да дискутирам во однос на нивните предлози, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска во вчерашното гостување во Дневникот на Македонската телевизија.
Министерката воедно посочи дека во 2022 година, истата таа опозиција, а тогашна власт, создаде инфлација на храна во државата од над 20%, а за одредени производи дури и над 30%.
-Имаме средби со трговците, при кои ни беше констатирано дека до овој момент немаме посериозни притисоци за промена на крајните цени. Дали ќе реагираме? Кажавме ќе реагираме. Колку ќе реагираме? Ќе реагираме соодветно во ситуациите како ќе се менуваат состојбите. Но од напред да приодицирам или да кажувам или да споредуваме пак состојбите не се споредливи, затоа што денес имаме инфлација која што е под 5%, кога станува збор за храна, потенцираше Димитриеска Кочоска.
Министерката потврди дека Владата будно ја следи состојбата и многу јасно е предвидено што Министерството за финансии и другите институции можат да превземат во поглед на мерките, во какви услови, со цел заштита на стандардот на граѓаните и заштита на економијата.
-Не знам како опозицијата бара минус 4 денари да се намали акцизата, кога тие истите во самите закони напишале дека цената на акцизата може да се намали за 4 денари доколку прво имаме кризни и вонредни состојби и доколку цената на нафта по тон, значи не по барел, по тон е повеќе од 1200 долари. Во овој момент се уште цената не е таква. Во законите точно се си има пропишано, ги следиме и ќе одговориме соодветно, согласно тоа како ќе движи цената на нафта, изјави Димитриеска Кочоска.




