Буџетот за судството за следната година е планиран рационално, во рамки на законските лимити и во контекст на фискалната консолидација, а во моментот се прават анализи за процентот од буџетот кој што му следува во судството согласно европските практики, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.

– Во 2025 година буџетот за судството изнесуваше 2 милијарди 858 милиони денари, а со ребалансот изнесува  2 милијарди 748 милиони денари. За следната година, буџетот е предвиден на исто ниво, додека нивното барање беше  5 милијарди 229 милиони денари. Важно е да се напомене дека секој буџетски корисник, согласно Законот за буџети, добива лимит од Министерството за финансии во рамките на кој треба да ги планира своите расходи. За судството, лимитот бил 2 милијарди 995 милиони денари, изјави министерката.

Во однос на платите, министерката нагласи дека за 2025 година плати за судството се предвидени 2 милијарди 334 милиони денари, додека во барањата за новиот буџет тие изнесувале 3 милијарди 751 милион денари – односно речиси 1 милијарда 400 милиони денари повеќе од сегашното ниво.

– Во услови на фискална консолидација, кога претходно се трошело повеќе од дозволеното, сега е неопходно да се постави државата на правилен пат и да се постигне буџетски дефицит од 3% за следната година. Иста е ситуацијата и со Основното јавно обвинителство и Народниот правобранител – за секој од нив можеме да ги наведеме лимитите, барањата и разликите во однос на износите, кажа министерката и потенцираше дека мора внимателно да се провери од што точно ќе се пресметува овој процент.

– Не е доволно да се каже „0,3%, 0,4% или 0,8%“ – треба да знаеме од кои приходи или средства произлегува. Во моментов извршуваме детални анализи за да го утврдиме точниот процент од буџетот што ќе му следува на судството и обвинителството. Нашата цел е рационално користење на средствата и транспарентно планирање во рамки на законските лимити, заклучи министерката.